Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 825 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава е 1.292 и има околу 120 празни болнички кревети во ковид центрите, соопшти Министерството за здравство.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 75 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 56 пациенти.
На инфективното одделение во Тетово има 39 пациенти, во Велес се лекуваат 62 болни, а во Куманово 106 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 110 пациенти, во Прилеп 113, во ковид центарот во Гостивар 49, а во Струга 28 болни. Во болницата во Струмица лежат 95 пацинети, во Кочани 24, во Кичево 17, Кавадарци 41, а во Гевгелија 10 лица позитивни на корона вирусот.
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализрани се 36 пациенти, а вкупно 467 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 19 приеми и тоа двајца пациенти биле хоспитализирани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца во ковид центарот на Клиниката за неврологија, четворица болни се хоспитализирани на Клиниката за дерматовенерологија, а 10 во новоотворениот центар на Клиниката за очни болести. Во ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 11 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника се примени шест лица.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 31 оздравен пациент, соопшти Министерството за здравство.
Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 19 пациенти, на Клиниката за неврологија 36 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 54 пациенти со симптоми на корона вирусот, на Клиниката за гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 26 лица, на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 24 пациенти, а на Клиниката за очни болести 11пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 106 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 155 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 36 пациенти, од кои 6 деца и 30 возрасни.