Учениците смислуваат генијални финти како да се спасат од онлајн испрашување
Ученик во втора година од средното училиште „Георги Димитров“ во Скопје, за Плусинфо ги објаснува начините што ги смислуваат учениците само за побрзо да им помине онлајн-часот. Тој вели дека скоро секогаш на удар се професорите кои немаат големо познавање од технологијата.
Онлајн-наставата, освен тоа што претставува еден поинаков начин на едукација за учениците од средно и од основно образование, очигледно ја буди и креативноста кај децата за смислување финти и идеи за тоа како да ги избегнат испрашувањата, или, пак, како со помош на технологијата да го замолчат професорот кој предава досадна лекција.
Ученик во втора година од средното училиште „Георги Димитров“ во Скопје, за Плусинфо ги објаснува начините што ги смислуваат учениците само за побрзо да им помине онлајн-часот. Тој вели дека скоро секогаш на удар се професорите кои немаат големо познавање од технологијата.
– Самите ученици меѓусебно се исфрлаат од платформата „Microsoft Teams“ на која се одвива наставата на далечина. Тоа е како еден вид игра, кој попрво ќе биде исфрлен од онлајн-часот. Но, во таа игра не учествуваат само учениците, туку и професорите, само што тие понекогаш не се свесни за тоа. Некои ученици кои се организатори на виртуелната училница постојано ги ставаат професорите на нечујно, а потребно е подолго време додека тие забележат дека лекцијата ја раскажуваат во празно и дека никој не ги слуша – вели нашиот соговорник.
Тој објаснува дека таквите работи се случуваат затоа што учениците понекогаш побрзо ја креираат виртуелната училница отколку професорите, а тоа им дава можност да исфрлаат и да „мјутнуваат“ кого сакаат од групата.
– Некои професори сами забележуваат дека нивниот микрофон е исклучен, па повторно го вклучуваат. Некои, пак, воопшто не забележуваат, па мора некој од учениците да им каже дека никој не го слуша предавањето. Професорите честопати ни се закануваат дека ќе преземат мерки ако продолжиме да им го правиме тоа. Ние ќе престанеме некое време и потоа повторно истата песна – раскажува ученикот.
Интересно е тоа што вакви финти не користат само средношколците, туку и основците. Како што ни раскажа седмоодделенец од скопската општина Ѓорче Петров, тој и неговите врсници имаат инсталирано апликација која симулира пречки во интернет врската.
– Апликацијата ја користиме само кога е најгусто, односно кога знаеме дека следува испрашување за оценка. Ако не сме ја научиле лекцијата, а наставникот бара од нас да ја раскажеме, тогаш ја активираме апликацијата и таа создава шумови. Исто е како да немате интернет. Наставникот слуша испрекинати зборови и чудни звуци. И по кратко време тој самиот се откажува и ни вели дека другпат ќе нè испраша – раскажува седмоодделенецот.
Желбата да се ескивира наставата е присутна и кај најмалите ученици. Плусинфо разговараше со родител на ученик во трето одделение, кој раскажа дека наставниците тешко излегуваат на крај со итрите деца.
– Мојата ќерка има само осум години, а онлајн-наставата ми помогна да сфатам дека децата на таа возраст се многу попаметни отколку што изгледаат. Секојдневно се чудам и се восхитувам на нивната снаодливост. Пред некој ден, на пример, дуваше страшен ветер во собата каде што учи моето дете. Таков ветер не сте виделе. Ураган. Веднаш отрчав во собата за да видам што се случува, а ќерка ми ми кажа дека сите деца се договориле во исто време да пуштат симулација на ветер за да не може да се одржи часот – раскажува родителот.
Според Министерството за образование и наука, околу 80 проценти од учениците во средните и во основните училишта успешно ја следат онлајн-наставата, а како што велат оттаму, тој процент постојано се зголемува.