Судот во Белград денес му го продолжи притворот на популарниот српски рапер Стефан Ѓуриќ Раста уште 30 дена, пренесуваат српските медиуми. Тој и уште едно лице се уапсени на почетокот на октомври откако кај нив беа пронајдени марихуана и кокаин.
Притворот им е продолжен поради сомнежот дека во краток рок би можеле да го повторат кривичното дело, прецизира портпаролката на судот Татјана Тешиќ.
Против поранешниот сопруг на српската пејачка Ана Николиќ Обвинителството во Белград води истрага поради сомнеж дека извршил кривично дело – недозволено производство и ставање во промет на опојни дроги, за кои е одредена казна од 3 до 12 години затвор.
Раперот за време на сослушувањето се бранел дека пронајдените наркотици му биле за лична употреба, но Обвинителството не му поверувало.