Промовиран прирачник за полагање стручен испит за работа во автошкола и испитен центар

370

Согласно обврските кои произлегуваат од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во наредниот период, возачите инструктори, односно ангажираниот стручен кадар во автошколите и испитните центри неопходно е да полага стручен испит за добивање соодветна лиценца за вршење на дејноста.

Со цел унапредување и олеснување на целиот процес, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) изготви „Прирачник за полагање на стручен испит за работа во автошкола и испитен центри“.






Прирачникот претставува сублимиран материјал од повеќе области и повеќе стручни трудови, и е корисен од една страна за едукација и оспособување на возачите инструктори, а од друга страна, може да послужи и како материјал за подготовка за полагање стручен испит за работа во автошколи и испитни центри.

– Праксата и искуствата во земјите членки на Европската Унија и кај нас покажаа дека е неопходно воведување на систем за лиценцирање на одредени професии во системот на безбедност во патниот сообраќај, со цел стручноста и одговорноста на ангажираниот кадар и воопшто стручноста и квалитетот на работа во автошколите и испитните центри, да се подигне на едно повисоко ниво. Квалитетот на обуката на кандидатите за возачи и соодветна проверка на нивните знаења и вештини во голема мера влијае на тоа дали возачите во текот на својот живот, помалку или повеќе ќе се однесуваат во согласност со прописите и општо прифатените норми во сообраќајот и дали безбедно ќе учествуваат во сообраќајот. За квалитетна и високо стручна работа, возачите инструктори, предавачите по теоретски дел и членовите на испитните комисии во испитните центри, треба да поседуваат знаења и информации од повеќе области. Kонтинуирана и квалитетна едукација на стручниот кадар во автошколите и испитните комисии, континуирано надградување на нивните знаења и способности е неопходно со цел да се произведат квалитетни, општествено одговорни и пред се совесни, обучени и безбедни возачи – истакна Гордана Кожуваровска, претседателка на РСБСП на јавниот настан организиран со цел промоција на прирачникот.

По повод промоцијата на Прирачникот за полагање на стручен испит за работа во автошкола и испитен центар, РСБСП денес организираше јавен настан на кој ги информира заинтересираните лица од испитните центри и од автошколите дека Прирачникот е достапен во печатена и во електронска форма и во наредниот период ќе биде дистрибуиран до сите испитни центри и до голем број автошколи. Прирачникот е достапен и во електронска форма на веб страната на РСБСП www.rsbsp.org.mk, така што сите заинтересирани лица имаат слободен пристап за негова употреба.

 

Поврзани содржини