Меморандумот на Бугарија како патоказ за самодеструкција на македонската нација
Крајно апсурно звучи повикувањето на европските вредности при негирањето на идентитетска посебност на македонската нација, која се оспорува и дисквалификува како „државно финансирана антибугарска идеологија и практика“. Со други зборови, Република Македонија треба да ги практикува европските вредности со откажувањето на основните права на нациите на само-идентификација! Македонците треба да прифатат дека не се тоа што се, дека немаат своја нација, дека не знаат на кој јазик зборуваат, само затоа што соседот така смета и условува.
Меморандумот на Бугарија за односите со Република Македонија во контекст на проширувањето на ЕУ, доставен до земјите членки на ЕУ во форма на појаснување на бугарската позиција (Bgnes, 16.09.2020), беше сосема очекуван и темпиран по завршувањето на изборниот процес во Република Македонија (Митко Б. Панов, „За државничкиот однос кон нацијата: По обраќањето на Ципрас до Македонците,” Expres, 11.07.2020).
Документот ги содржи добро познатите негаторски позиции на Бугарија, со претензии истите да станат нераздвоен дел од преговарачкиот процес на Република Македонија и услов за членството во ЕУ.
Во Меморандумот се констатира дека идна земја членка на ЕУ не смее да има отворени прашања, чиешто натамошно опстојување и незатварање, може „негативно да влијаат на донесувањето одлуки во рамките на ЕУ“. Отворените прашања со Република Македонија, за Бугарија се идентитетски и произлегуваат од „начинот на кој таа земја се справува со сопственото минато“.
Апсурдноста оди дотаму што македонската нација е јавно обвинета за погрешното поимање на сопственото историско минато и наследство, кое Бугарија го карактеризира како идеолошки продукт на комунистичка Југославија. Оттаму, Бугарија ја условува Република Македонија дека доколку сака да стане членка на ЕУ мора да раскине со националната историја и да прифати дека Македонците биле и се етнички Бугари.
Македонците се условени да прифатат дека нивната самоидентификација не произлегува од македонската идентитетска посебност и различност од бугарскиот народ, бидејќи самото именување Македонци и македонски јазик било идеолошки продукт на „етнички и јазичен инженеринг, во време на поранешните авторитарни режими“.
Во тој контекст, Бугарија со Меморадумот ги поставува насоките и „track record” на патот на присоединувањето на Република Македонија кон ЕУ, што треба да му помогне на политичкото раководство да стави крај на комунистичката идеолошка заблуда дека Македонците се посебен народ од бугарскиот и дека терминот македонски всушност нема никакво етничко и идентитетско значење, бидејќи е конструкт на Титова Југославија.
Меморандумот всушност претендира историски да ги „докаже“ ваквите тврдења базирани на едностраното и конструирано интерпретирање на минатото од страна на Бугарија. Притоа, веднаш станува јасна и нескриената цел на бугарското политичко догматизирање на историјата на Македонија, со констатацијата дека терминот Македонци никогаш не бил ознака за „национален идентитет“, туку исклучиво бил користен за означување на географското потекло.
Од тоа, треба да произлезе дека ниту некогаш имало, ниту има Македонци и македонска нација, чиешто постоење историски се делегитимира како вештачка креација на Тито. На овој начин, Бугарија очекува во рамките на преговорите на Република Македонија за членство во ЕУ, да ја потврди позицијата за непостоењето на македонската нација, со што ќе го реши и прашањето за македонското етничко малцинство на своја територија.
Во таа смисла во документот се тврди дека во Бугарија „стотици илјади Бугари се самоопределуваат како Македонци во однос на регионалната припадност, при што јасно го посочуваат бугарското етничко потекло“. Како „доказ“ се приложуваат конструкции за „јасно бугарско самоопределување“ на словенското население на територијата на Македонија вклучено во Кралството СХС и Кралска Југославија, кое било означувано како „јужносрбијанци“.
Притоа, се повторуваат добро познатите бугарски тези дека Тито го креирал новиот македонски идентитет на Бугарите во С.Р. Македонија. Во Меморандумот се тврди дека Титовиот проект за конструирање на македонската нација бил реализиран преку „измислувањето нова историја“, која со наметнатниот термин македонски имала за цел да го „замени традиционалниот бугарски идентитет со регионален“ и тоа за сметка на историјата и географијата на соседните држави. За потребите на ваквиот проект, според Бугарија, бил создаден македонски јазик и тоа преку „прекодификацијата“ заснована на бугарскиот книжевен јазик.
Одејќи понатаму во политичките квалификации, во Меморандумот се тврди дека во функција на „измислувањето“ нова историја за потребите на креирањето на „неопходните атрибути за новиот национален идентитет“, бил ставен во служба Институтот за национална историја формиран во 1948 г. Несвојствено за земја членка на ЕУ, политички се дисквалификува историската наука на Република Македонија.
Работата на најстариот научен Институт и огромната историографска продукција е оквалификувана како „фалсификување на документите и раскинување на сите врски со бугарските корени, јазик и потекло“ на населението, што продолжува и по независноста на Република Македонија. Со други зборови, се што е напишано во периодот од повеќе од седум децении за историјата на Македонија и на Македонците, политички се дисквалификува како фалсификат кој имал антибугарски карактер, а кој требало да измисли историски наратив на непостоечки Македонци и на измислена македонска нација.
Притоа, како критериум за ваквата оценка не се поставува слободата на научната критичка мисла како европска вредност, туку компатибилноста или истоветноста со бугарските историографски ставови, кои се претставуваат како единствена правилна догматска научна вистина за историјата на Македонија. Нешто што преку Преспанскиот договор го постигна и Грција.
Притоа, крајно неосновано се обвинува С.Р. Македонија за наводни масовни репресии на бугарскиот народ и егзекуција на над 20.000 луѓе во периодот меѓу 1944 и 1946 г., и тоа само поради нивната бугарска идентитетска определба. Подолу во текстот се споменуваат и „десетици илјадници убиени и над 100.000 затварани Бугари по 1944 г.“.
Селективноста на бугарскиот приод во политичкото конструирање на историското минато на Македонија, мошне јасно се рефлектира во неспоменувањето на прогонствата и убиствата за време на граѓанската војна во Егејска Македонија. Тоа само ја потврдува политичката манипулација на историјата на Македонија, која е ставена во функција на реализирањето на стратегиските цели на Бугарија за затварање на македонското прашање, со конечна цел ставање крај на македонизмот.
Во тој контекст, станува разбирлив и категоричниот услов кој се поставува во преговорачкиот процес на Република Македонија за членство во ЕУ, со кој се демонстрира дека Бугарија нема да прифати „континуираниот процес на национално изградување во Република Северна Македонија да се реализира преку преиспитување на нашата заедничка историја, откажувањето на заедничките етнички и јазични корени, или неосновани тврдења за постоење на ‘македонско малцинство’ во Бугарија”. Од тоа произлегува дека Македонците всушност не се ништо друго туку преименувани и идеолошки заблудени Бугари.
Крајно апсурно звучи повикувањето на европските вредности при негирањето на идентитетска посебност на македонската нација, која се оспорува и дисквалификува како „државно финансирана антибугарска идеологија и практика“. Со други зборови, Република Македонија треба да ги практикува европските вредности со откажувањето на основните права на нациите на само-идентификација!
Македонците треба да прифатат дека не се тоа што се, дека немаат своја нација, дека не знаат на кој јазик зборуваат, само затоа што соседот така смета и условува.
Повеќе од евидетно е дека Бугарија настојува да го копира моделот на Грција рефлектиран во Преспанскиот договор, заснован на целосно идентитетско негирање на постоењето на македонска нација. Тоа е разбирливо, со оглед на општиот карактер на Договорот за добрососедство. Уште повеќе, Бугарија настојува да креира претстава дека со прифаќањето на Меморандумот на ниво на ЕУ, всушност самата се заштитува од „неосновани малцински, историски и други претензии“ од страна на Република Македонија.
Тоа значи дека како што Грција успеа со договорот да го монополизира историскиот термин Македонија и Македонци, да ја присвои историјата на античка Македонија и политички да креира проектирана географска делимитација на историјата на Македонија, Бугарија го бара истото, но во однос на територијата на Република Македонија (Митко Б. Панов, „Како Бугарија и Грција ја делат историјата на Македонија?!”, Expres, 10.05.2020).
Оттаму, разбирливо е зашто Софија инсистира на постигнување договор во рамките на заедничката комисија за историски и образовни прашања во однос на „заедничката историја,“ што треба историски да го легитимира тврдењето дека „македонски јазик или етничка припадност“ не постоеле пред 1944 г., дека македонскиот јазик бил „писмена регионална норма на бугарскиот јазик,“ односно дека македонската нација била всушност конструирана со изградувањето „посебен небугарски идентитет“ со цел прекинување на врските меѓу С.Р. Македонија и Бугарија.
Целта на Бугарија всушност е насочена кон реализирање на сопствените претензии на историјата на Македонија. Во тој контекст, со Меморандумот политички се конструира претстава дека Македонците всушност се етнички Бугари кои ја населувале и населуваат територијата на денешна Република Македонија, во континуитет од средновековието до денес. Исто како што со Преспанскиот договор Македонците во делот на современа Грција, со политички акт стануваат Грци уште од антиката (Митко Б. Панов, „За грчкото присвојување на термините Македонија и Македонци!”, Expres, 10.06.2020).
Под превезот на европските перспективи на Република Македонија, се поставуваат несвојствени и неприфатливи за модерните демократии наметнувања за „справување со историјата“ што треба да резултира со целосна историографска ревизија адаптирана според желбите на Бугарија. Тоа во крајна линија има за цел историски да ја делегитимира македонската нација и да создаде претстава дека новоименувата држава „Република Северна Македонија“ претстои да гради нова историја на новата нација, по диктат на соседите.
Било какво повикување на историското и културно наследство пред 1944 г., Бугарија го претставува како антибугарски чин и посегнување кон историјата на бугарската нација, третирајќи го како историски и територијален иредендизам.
За постигнување на ваквите стратегиски цели, Бугарија излегува од рамките на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка во делот во кој се дефинира работата на заедничката комисија за историски и образовни прашања. Во членот 8.2 од Договорoт, е конкретизирано дека комисијата ќе работи „за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани“, за што ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите.
Во членот 8.3 единствено стои дека „двете Договорни страни ќе организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности“, што воопшто не имплицира дека постигнатите согласности ќе бидат претходно засновани на договор во рамките на Комисијата.
Оттаму, разбирливо во Меморандумот се проширува опсегот на работата на комисијата и се констатира дека нејзината цел е да „постигне конкретни резултати во однос на видни личности и историски настани од заедничката историја до 1944 г. и да: предлага заеднички чествувања; дава препораки за хармонизирање и промена на програмите на учебниците по историја и литература; примена на постигнатите согласности во однос на финансираните од држава учебници, музеи, документарни филмови и др.“
Евидентно дека Меморандумот претендира да вметне обврски кои не се дефинирани и не произлегуваат од Договорот. Ниту комисијата има мандат според Договорот да „предлага заеднички чествувања“, ниту да дава препораки за промена на програмите на учебниците, ниту, пак, да се грижи за примена на договореното во сите сегменти на образовниот систем и во севкупната културно-историска јавна сфера во државата. Овие обврски можат да произлезат единствено доколку самите членови на комисијата се договориле за тоа, но истите немаат правно обврзувачко дејство, бидејќи не произлегуваат од Договорот (Митко Б. Панов, “За губитниците во македонско-бугарскиот историски спор”, Expres, 27.04.2020).
А зошто членовите на комисијата се согласиле да излезат од рамките на мандатот е друго прашање. Во секој случај, тоа што Бугарија очекува од комисијата да го направи како услов за интеграцијата на земјата во ЕУ, е да ја прогласи за „заедничка“ целата историја од 9 век до 1944 г., исто како што тоа веќе го стори за личностите пред Гоце Делчев, како цар Самуил, Кирил и Методиј, светите Климент и Наум… Преку прогласувањето на „заедничкото минато“ во Комисијата не се прави ништо друго, туку само се обезбедуваат аргументи за бугарската позиција и се „бугаризираат“ историските личности и настани. Реториката на некои политичари во Република Македонија, дека „досега решивме пет историски личности“ со уверување дека ќе ги решиме и другите, само по себе говори за односот кон историјата на македонскиот народ и македонската нација. Тоа ја објаснува и острата позиција на Бугарија, рефлектирана во Меморандумот.
Разбирливо е зашто Бугарија во Меморандумот посочува на неприфаќање на делот од Преспанскиот договор, во кој се користи „терминот македонски јазик,“ укажувајќи дека истиот не е задолжителен за трети страни според меѓународното јавно право. Во истиот контекст, Бугарија не ги признава одлуките на Третата конференција на ООН кадешто се легитимира посебноста на македонскиот јазик.
Притоа, Бугарија ја наметнува позицијата на ниво на ЕУ дека во документите на ЕУ македонскиот јазик треба целосно да се исклучи како термин, да се наведува единствено како „официјален јазик на Република Северна Македонија,“ а во крајна неопходност да биде означен со ѕвездичка со појаснување дека истиот е „согласно уставот на Република Северна Македонија“.
На тој начин ЕУ треба да ја официјализира позицијата на Бугарија дека не постојат Македонци и македонски јазик, туку недефинирана нација која треба да биде идентификувана и да се самоидентификува исклучиво со новото име на државата „Република Северна Македонија“.
Негаторскиот однос е рефлектиран и во констатацијата дека Бугарија веќе ја информирала ООН во мај 2019 г., дека во духот на добрососедството и да не се создаде забуна, ќе го користи уставното именување „Република Северна Македонија“ и тоа како erga omnes како единствено име на државата.
Укажувајќи дека прашањето за името на државата „Република Северна Македонија” е сеуште отворено, Бугарија посочува дека ќе настојува на негово конечно затворање. Ова прашање ќе го смета за затворено само тогаш кога „Република Северна Македонија официјално ќе декларира пред ООН и сите други меѓународни организации дека користењето на краткото име на државата, предвидено во Преспанскиот договор, се однесува само на политичкиот субјект ‘Република Северна Македонија,’ а не на географскиот регион на Северна Македонија“. На тој начин, Бугарија настојува да го ускрати правото на Република Македонија и на македонскиот народ на историското наследство на поширокиот регион на Македонија, вклучително и во самата македонска држава. Грција и Бугарија всушност ја делат историјата на Македонија помеѓу себе, повикувајќи се на историското право произлезено од договорите со Република Македонија.
Меморандумот всушност не заслужува коментар, со оглед дека претставува класичен политички диктат со кој се претендира да се оспори идентитетот и историското наследство на македонската нација и тоа во име на европските вредности. Меѓутоа, анализата е потребна бидејќи треба отворено да се каже што содржи ваквиот политички документ циркулиран на ниво на ЕУ.
Со Меморандумот всушност се рециклираат националистичките позиции од 19 век, кога македонското прашање се поставува како приоритетна воено-политичка агенда на Балканот. Бугарија во документот всушност само ги проектира конструираните историографски тези од 19 век, претендирајќи да ги прикаже како непроменлива константа и единствена догматизирана историска вистина, а преку Комисијата да ги легитимира.
Меѓутоа, Европа во 21 век почива на сосема други принципи, засновани на респектирање на нациите и нивното право на самоидентификација и на сопствена национална историја и култура. Оттаму, верувам дека Меморандумот на Бугарија нема да стане официјална позиција на ЕУ, иако дел од него веќе е прифатен. Меморандумот е во целосна спротивност со демократските принципи и вредности на кои почива модерна Европа.
Европските нации треба да бидат примани како горди и респектирани членки на ЕУ со сите права кои им припаѓаат, а единствен услов за сите и без исклучок треба да биде споделувањето на европските демократски принципи и вредности рефлектирани во Копенгхашките критериуми. Крајно неприфатливи и навредливи се условувањата содржани во Меморандумот за приемот на Република Македонија во ЕУ, кои не се ништо друго туку патоказ за самодеструкција на македонската нација. Залогот за влезот во ЕУ во никој случај не смее да биде на сметка на историското делегитимирање, обесправување, негирање и понижување на Македонците и на македонската нација!
Проф. д-р Митко Б. Панов е редовен професор во Институтот за национална историја.
Колумната е преземена од експрес.мк.