МНР по изјавата на Каракачанов: Очекуваме поддршката од Бугарија да продолжи

513

Република Северна Македонија како и досега, ќе продолжи со засилена комуникација и консултација на политичко ниво со Република Бугарија и со сите релевантни чинители во ЕУ контекст, при што клучната порака ќе биде дека беше започнат исклучително важен и сложен процес на дијалог кој претполага зближување и градење пријателство, низ заемно почитување, како две соседни европски држави, соопшти МНР.

Реакцијата на македонската дипломатија доаѓа по изјавата на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов дека Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ.






– Во оваа смисла, почитувањето на идентитетот и достоинството, европските интеграции и добрососедските односи се целосно комплементарни и заемни интереси. Европските интеграции на целиот регион, претставуваат интерес на двете земји и тоа било постојано потенцирано од страна на официјалните претставниците на двете земји. Република Бугарија и досега ги подржувала европските и евроатлантските интеграции на Република Северна Македонија и очекуваме оваа поддршка да продолжи и во иднина – се вели во соопштението на МНР.

Од таму додаваат дека за сите евентуални разлики по одредени прашања, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е токму рамката за решавање на долготрајните билатерални разлики во толкувањето на историски прашања кои ги оптоваруваат односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија децении наназад. На неговата имплементација, која е двострана обврска за двете држави, остануваме и натаму целосно посветени во добра волја.

Поврзани содржини