Албанци глумеле Грци во Охрид, тетовци не знаат за сопирачки

973

АЛБАНЦИ ГЛУМЕЛЕ ГРЦИ И ИТАЛИЈАНЦИ – Регионалниот центар за гранични работи Запад, до Основно јавно обвинителсво Охрид, поднесе кривична пријава против Т.Р.(41), Б.Г.(40), Б.Р.(37) и двајца малолетници, сите од Р.Албанија, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „фалсификување на исправа“, казниво по член 378 став 1 од Кривичниот законик. На 31.08.2020 во 11.45 часот на Граничен премин Аеродром „Св.Апостол Павле Охрид“ тие се пријавиле за патување со фалсификувани грчки и италијански документи.

ПУКОТНИЦИ КАЈ КАМЕЊАНЕ – На 31.08.2020 околу 21.40 часот на автопат Тетово-Гостивар, во близина на клучката кај с.Камењане, полициски службеници од СВР Тетово, при редовно извршување на работни задачи, слушнале три истрели од огнено оружје од правец на една тераса покрај автопатот. Тие се упатиле на местото и затекнале повеќе лица, а на подот од терасата пронашле три чаури од испукани куршуми. По преземени мерки било утврдено дека лицето кое што пукало е А.Н.(61) од с.Камењане, кај кого бил пронајден пиштол „Црвена застава“ калибар 7,62 мм со една рамка со три куршуми, за кој немал одобрение за поседување. А.Н. бил лишен од слобода и предаден на полициски службеници од СВР Тетово за понатамошна постапка.






КОНТРОЛА ВО ШТИП – На 31.08.2020 во периодот од 07.00 до 12.00 часот СВР Штип спроведе акциска контрола на возила со кои се врши јавен превоз на патници. Од извршената акциска контрола откриени се вкупно 24 прекршоци од нив: 11 за неисправен уред за запирање, два за неисправен уред за управување, два за непродолжена регистрација, еден – неисправни светлосни уреди, еден – неисправни останати уреди, еден – недостатоци на опрема и шест за неизвршен вонреден технички преглед. Санкционирани се и 37 останати прекршоци.

БЕЗ КОЧНИЦИ ВО ТЕТОВО – На 31.08.2020 во периодот од 07 до 12 часот на подрачјето на СВР Тетово била спроведена акциска контрола за техничка исправност на возилата кои вршат јавен превоз на патници. Со контролата биле опфатени 100 возила (ТЕ-81 и ГВ-19), при што бил откриен 21 прекршок (ТЕ-11 и ГВ-10). Најмногу прекршоци 13 (ТЕ-10 и ГВ-3) се однесувале на неисправни сопирачки, а откриена била неисправност и на светлосни уреди, опрема и друго). За овие прекршоци поднесени се законски предвидените поднесоци, а 19 возила веднаш биле и исклучени од сообраќај. Во акцијата констатирани се и шест други видови прекршоци.

НАПАДНАТ ОД НЕПОЗНАТО ЛИЦЕ – На 31.08.2020 во 22.35 часот во СВР Скопје, И.Н.(47) од Скопје пријавил дека околу 21.30 часот на ул.„Атинска“ во Скопје неговиот син бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

ИСТЕПАНА ДЕВОЈКА ВО СКОПЈЕ – На 31.08.2020 во 18.35 часот во СВР Скопје, Т.О.(21) од Скопје пријавила дека околу 16.30 часот во близина на угостителски објект на бул.„Видое Смилевски Бато“, по претходна расправија, била физички нападната од К.М. од Скопје. Се преземаат мреки за расчистување на случајот.

ПОЧИНАТ ВО НИЌИФОРОВО – На 31.08.2020 околу 20.00 часот во Полициското одделение Маврово било пријавено дека во с.Ниќифорово, на околу 500 метри од Планинарскиот дом, бил пронајден починат У.Ј (80) од Гостивар. Доктор од Здравствен дом-Маврово констатирал смрт без траги на насилство, а увид на местото извршила екипа од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било предадено на судска медицина.

МАЛТРЕТИРАЛЕ ДЕЦА – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против А.А.(32) и Б.А.(38) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство врз дете“. На 21.06.2020 на ул.,,Стефка Тасева“ во Кочани, пријавените психички и физички матретирале три малолетни деца од Кочани.

НАСИЛСТВО ВО ТЕТОВО – СВР Тетово поднесе кривична пријава против Х.А.(36) од Тетово и Н.С.(30) од с.Шемшово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 23.05.2020 на ул.„Ѓорче Петров“ во Тетово, по претходна расправија, настанала физичка пресметка помеѓу пријавените.

ГОСТИВАРЕЦ НАПАДНАЛ ПОЛИЦАЕЦ – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против З.Х.(44) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста’’. На 23.07.2020 на ул.„Борче Јованоски“ во Гостивар, пријавениот физички нападнал полициски службеник кој извршувај службени дејствија.

НАПАД СО СЕКИРА – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Е.Ќ.(53) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 02.08.2020 пријавениот со секира се заканувал на Џ.М.(51) и Л.М., двајцата од Гостивар.

ПРОДАВАЛ МАРИХУАНА – СВР Куманово поднесе кривична пријава против И.М.(38) од с.Арачиново, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 27.08.2020 во с.Умин Дол, кумановско, полициски службеници извршиле преглед во патничко возило „фолксваген шаран“, во кое бил пријавениот со уште две лица, при што пронашле и одзеле марихуана.

УАПСЕН ДИЛЕР НА ХЕРОИН – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против И.С.(42) од Свети Николе поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 14.05.2020 пред неговиот дом во Свети Николе, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле наркотична дрога хероин. Исто така, на 25.06.2020 на ул.„Васка Циклева“ во Свети Николе, пријавениот му продал наркотична дрога хероин на Т.Б. од Свети Николе, која што истиот ден од страна на полициски службеници била пронајдена кај Т.Б.

(ИЗВАДОК ОД ДНЕВНИОТ БИЛТЕН НА МВР ЗА 01.09.2020)

Поврзани содржини