ИНТЕРВЈУ Анета Антова Пешева: Корона кризата покажа дека без домашна информатичка инфраструктура никој не може да ви помогне

До појавата на нашата иницијатива, никој не ни пристапил на никаков начин и да бидем искрена тоа ни беше малку чудно. Затоа, ние се самоповикавме како комора чии членки навистина имаат искуство да придонесеме во наоѓање на најоптимално решение кое содржи единствена информатичка платформа.

3,183

Се надевам дека многу скоро ќе излеземе со решение за онлајн настава кое ќе биде применливо и лесно ќе се имплементира, користејќи ја постојната инфраструктура на институциите и училиштата каде што има и надополнување според потребите, вели Анета Антова Пешева, претседателка на МАСИТ – Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии во интервју за Плусинфо.

– Но, имплементацијата која треба да ја направат министерствата сум сигурна дека не може да се оствари до 15 септември. Тоа и не е толку страшно, ако се знае трасата по која треба да се движиме. Мојот предлог е најпрво да се направат неколку пилот училишта низ Македонија, каде ќе може да се проверат предностите и аномалиите на системот, а потоа за неколку месеци да се имплементира во сите училишта – вели Пешева.






Добредојдена беше веста дека приватниот сектор преку МАСИТ се мобилизира за спасување на образовниот процес во услови кога не стивнуваат бројките на заразени од коронавирусот, со оглед на тоа што надлежните, откако беше прекината наставата досега не успеаја да понудат солидно и безбедно решение за наставниот процес во септември. Дали Министерството за образование или Бирото за развој на образованието побараа каква било помош од МАСИТ за надминување на проблемот?

– Да, потполно сте во право. Ситуацијата која настана со пандемијата на ковид-19, во нашата земја, ја исфрли во преден план лошата сoстојба и наталожените проблеми со години во нашиот образовен систем. И покрај тоа што уште на почеток од страна на Комисијата за заразни болести беше потенцирано дека пандемија може да трае подолго, еве шест месеци подоцна, ситуацијата во образованието е скоро на иста појдовна точка. Недоволната меѓусебна комуникација на соодветните државни институции, а би рекла и дефокусираноста со елементи на конфузија, придонесоа да дојдеме до точка каде треба сериозно да ги поставиме темелите на еден современ и лесно одржлив, модерен образовен систем, бар што се однесува до информатичката инфраструктура и платформа. До појавата на нашата иницијатива, никој не ни пристапил на никаков начин и да бидем искрена тоа ни беше малку чудно. Затоа, ние се самоповикавме како комора чии членки навистина имаат искуство да придонесеме во наоѓање најоптимално решение кое содржи единствена информатичка платформа. Направивме комисија од членовите на Управниот одбор која секојдневно се состанува и разменува сопствени и странски искуства.

Откако ја презентиравме нашата иницијатива, работите тргнаа на подобро. Неколку институции, а пред сѐ, МИОА нѐ контактираа и ни ги пратија нивните согледувања и драфт проекти кои сега во моментов ги разгледуваме и надополнуваме заедно со Министерството за образование, телеком операторите и неколку систем интегратори. Првичните состаноци се остварија, па ќе видиме како ќе се одвива натамошната комуникација.

Се надевам дека многу скоро ќе излеземе со решение за онлајн настава кое ќе биде применливо и лесно ќе се имплементира, користејќи ја постојната инфраструктура на институциите и училиштата каде што постои, и надополнување каде што ќе биде потребно.

Родителите се загрижени и се со поделени ставови за онлајн наставата, како и средношколците кои најавија протести во одбрана на комбиниран модел на настава, но со оглед на ресурсите во нашите образовни институции, колку навистина може да се обезбеди квалитетна онлајн настава?

– Родителите со право се загрижени бидејќи периодов бевме сведоци на дисонантни изјави кои пристигнуваа од различни државни институции. Комуникацијата помеѓу институциите како да недостига со години, а тоа доаѓа до израз особено во кризни ситуации. Затоа ние предложивме да се направи едно координативно тело кое синхронизирано ќе работи на надминување на проблемот и наоѓање вистинско решение. Во изминатиов период државата потроши скоро една милијарда евра за санација на штетите кои настанаа со пандемијата. Ова беше, а можеби и уште е, извонредна шанса да се унапредат двата најзасегнати системи, пред сѐ, здравствениот, а секако и образовниот. И на двата им е потребно сериозно унапредување ако не и комплетна ревизија, што е предуслов за да се обезбеди квалитетна онлајн настава. И сега не е доцна работите да се вратат на вистински колосек. Ако се има желба и меѓусебна соработка на сите засегнати страни и институции. Сигурно освен платформа на која ќе се одвива наставата ќе треба и сериозна нова техничка инфраструктура за која ќе треба да се одвојат средства, како и сериозна анализа за секое училиште и дете кое ги нема основните услови за ваков тип на настава.

Најавивте унифицирано, одржливо и стабилно решение за наставата кое МАСИТ планира да им го понуди и на надлежните институции. Може ли поконкретно да ни објасните за што станува збор и кога реално може да очекуваме завршница и имплементација на вашиот проект?

– Сведоци сме дека во овој момент има многу нејаснотии како за професорите, така и за учениците и за директорите на училиштата. Паралелизам и проекти кои одат секој сам по себе во различни правци. Ние како комора сакаме да дадеме концепт кој ќе биде унифицирано решение за сите, како и анализа и предлози за подобрување на информатичката структура во училиштата и во домовите на учениците. Предлогот и темелот за онлајн наставата, ако вака интензивно и посветено се работи ќе биде многу брзо, за некоја недела, тој ќе биде комбинација од предлози на наши членки со помош на најкомпетентни образовни институции, исто наши членки во земјава и во странство. Но, имплементацијата која треба да ја направат министерствата сум сигурна дека не може да се оствари до 15-ти септември. Тоа и не е толку страшно, ако се знае трасата по која треба да се движиме. Мојот предлог е најпрво да се направат неколку пилот училишта низ Македонија, каде ќе може да се проверат предностите и аномалиите на системот, а потоа во неколку месеци да се имплементира во сите училишта.

Што може да искористиме од странските искуства, а да биде применливо и во македонскиот образовен процес?

– Можеме и мораме да користиме многу од светските искуства. Светот е отиден далеку во овој правец, но да не се залажуваме, ако не го подигнеме нивото на тие кои треба да го воспостават системот, на тие кои треба да го користат системот и на оние кои треба да го одржуваат во годините кои следат, било кое странско решение ќе биде повторно фрлање на парите во вода. Корона кризата ни покажа дека без домашна информатичка инфраструктура, домашни компании, во услови на ваква криза никој не може да ви помогне од надвор. Значи, ние мора да имаме капацитети технолошките системи да ги одржуваме со домашни информатичко-телекомуникациски компании и со домашните ресурси.

 

 

Поврзани содржини