ВМРО-ДПМНЕ: Македонија е ризик за цела Европа во однос на ковид-19
Победата прогласена од владата на СДСМ врз коронавирусот е лажна и постои само во главите на Заев, Спасовски и Филипче, се вели во соопштението.
Поради неспособноста на Заев, Македонија е црна дупка во регионот и претставува ризик за цела Европа во однос на ширењето на коронавирусот, обвини ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Македонија заради неспособноста на Заев е црна дупка во регионот и ризик за цела Европа во однос на ширење на корона вирусот. Наместо справување со корона вирусот Заев и СДСМ само го лажат народот. Зоран Заев и владата предводена од СДСМ зборуваат за победа во борбата против епидемијата со ковид-19, но секојдневно се бројат новозаболени и починати. Додека зборуваат за победа врз коронавирусот им се случи и кластер Геријатрија Скопје, кластер меѓу најранливата категорија на граѓани. Случај за кој мора да има истрага веднаш и резултати од истата. Наместо истрага и одговорност, следи заташкување и лажење на народот“, наведено е во соопштението.
Таму се вели дека однесувањето на триото Заев, Спасовски и Филипче говори само за едно – дека не се интересираат за здравјето на граѓаните.
„Триото Заев, Спасовски, Филипче не направи ништо за здравјето на граѓаните во текот на шесте месеци откога е започната епидемијата со коронавирусот. Победата прогласена од владата на СДСМ врз коронавирусот е лажна и постои само во главите на Заев, Спасовски и Филипче“, се вели во соопштението.