Основното образование да биде целосно бесплатно, односно родителите да бидат ослободени од плаќање за оброци, екскурзии, училишен превоз, просветниот работник постојано да се доусовршува, а ќе се подобри и неговиот материјален и општествен статус, предлага НСДП која е дел од коалицијата „Можеме“.
За Нова социјалдемократска партија образованието е од стратешко значење за развојот на македонското општество, има национален интерес за државата и затоа мора да биде над сите политички и идеолошки поделби.
– Се залагаме за еднаков пристап до образованието, а со тоа и до еднакви шанси без оглед на социјалната положба. Еден од предусловите за реализирање на оваа цел е основното образование да биде целосно бесплатно, односно родителите да бидат ослободени од плаќање за оброци, екскурзии, училишен превоз. Од просветниот работник ќе се очекува квалитет кој постојано ќе се следи и поттикнува со постојани доусовршувања, а НСДП како дел од коалицијата „Можеме“ ќе се залага за подобрување на неговиот материјален и општествен статус. Сметаме дека школувањето треба да започне со навршени седум години, да нема испити или полагања до 13-годишна возраст. Посакуваниот врвен квалитет на основното и средното образование е тесно врзан и условен со високо-образовните институции, па затоа ќе се залагаме за врвен квалитет на академскиот кадар, заострување на критериумите за избор на универзитетските професори, соодветна селекција на студенти при запишување на педагошките факултети – изјави денеска портпаролот на Централниот изборен штаб на НСДП, Владимир Трајкоски.
За НСДП подеднакво важен столб за општеството и неговиот развој, кој истовремено треба да претставува и инструмент против сѐ поприсутниот примитивизам, е културата.
НСДП се залага за нов закон со проширена листа на објекти за заштита и конзервација, како и прецизно утврдени услови, функции и надлежности на државните институции, независно дали се работи за материјално или нематеријално културно наследство.
– Сметаме дека треба максимално да ги користиме можностите кои ни ги пружаат УНЕСКО, ИПАРД, Иницијативата „17+1“. Потребата за поголема афирмација на нашата култура, треба да биде потпомогната со проширување на мрежата на културни институции во земјава, како што е на пример отворање на музеј и библиотека во секое поголемо населено место, со формирање нови културно-информативни центри во странство, како и со ангажман на културните аташеа во дипломатско-конзуларните претставништва во соседството и светските метрополи – додаде Трајкоски.