ВМРО-ДПМНЕ: Ова е најцрниот ден од коронакризата, а Заев шпекулира датуми за избори
Во однос на изборниот процес, наведува ВМРО-ДПМНЕ, инсистираме за целосно почитување на Уставот и законите и меѓународните стандарди.
Денес е најцрниот ден од коронакризата, а Заев шпекулира датуми, додека Филипче крахира, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако пристигна информацијата за нови 196 заразени и осуммина починати во изминатото деноноќие.
„Македонија веќе две недели живее продолжен пик. Секој ден од први јуни до денес броиме над 100 заболени и неколку мртви. Несериозно е Заев што лицитира датуми како на пазар за вака сериозни прашања. Државата е во криза. СДСМ не знае да се справи. Економијата ја фрлија во амбис, а државна помош нема за никој освен за фирмите на нивните семејства и блиските до нив. И единствено на што размислува СДСМ додека народот пати се избори и како да си ја задржат фотелјата. Македонија е балканскиот Вухан, на врвот по највеќе заразени и починати од корона вирусот, на народот му е дегутантно да се збори за хировите на Заев, и за фактот што окрај здравствена, и економска криза, тој ја втурнува државата и во нова политичка криза. ВМРО-ДПМНЕ инсистира најпрвин на заштита на здравјето на граѓаните“, се вели во соопштението.
Во однос на изборниот процес, наведено е таму, инсистираме за целосно почитување на Уставот и законите и меѓународните стандарди.
„Заев сака избори без набљудувачка мисија на ОБСЕ и да немаме прочистен избирачки список. Она што Заев го сака е избори каде ние ќе броиме корона жртви, каде ќе немаме прочистен избирачки список, и без квалитетен меѓународен мониторинг. Тоа би значило изборна кражба и изборна кланица, а не потврда на народната волја. Зоран Заев сака да го погази народот и неговото здравје. Зоран Заев и СДСМ ја туркаат државата кон провалија. Потребна е стратегија за излез. ВМРО-ДПМНЕ има план за обнова. ВМРО-ДПМНЕ е различно од СДСМ. Со СДСМ добивме само хибридем режим, криминал, корупција и сиромаштија“, наведено е во партиското соопштение.