За грчките претензии кон термините Македонија и Македонци (2)
Евидентната комплементарност помеѓу Грција и Бугарија во контекст на договорените историски интерпретации, покажува дека работата на комисиите всушност се сведува на историското дефинирање на термините Македонија и Македонци, преку што Атина и Софија настојуваат да ја легитимираат меѓусебната поделба на историјата на Македонија, а со тоа во крајна линија да ја делигитимираат посебноста на македонската нација.
Втор дел од текстот на професорот Митко Б. Панов посветен на “Претензиите на Грција за присвојување на термините Македонија и Македонци”.
Досегашните договорени интерпретации во двете комисии во однос на историјата на Македонија можат да се сублимираат во 5 точки, кои евидентно се клучни за Атина и Софија:
1. Антички период. Во македонско-грчката комисија е договорено дека термините Македонија и Македонци се произлезени од античките Македонци, кои биле Хелени. Оттаму произлегува дека овие термини историски и припаѓаат на Грција и го означуваат хеленското културно и историско наследство. Аналогно на тоа, термините историска Македонија и Македонци се утврдуваат како историски синионими за Грците како нивна татковина и историска „сопственост“.
Македонско-бугарската комисија, пак, постигна согласност за корекција на наративот во македонските учебници во делот кадешто Македонија и Македонците се поврзуваат со почетоците на христијанството, односно со мисијата на апостол Павле. Тоа упатува на комплементарноста во историските интерпретации во однос на антиката договорени во македонско-грчката комисија.
2. Римски период. Македонско-грчката комисија утврдила дека терминот Македонија по римските освојувања од 148 г. имал административно значење (римска провинција, потоа византиска тема) и не кореспондирал со историската Македонија, сè до 14 век кога во византиските извори терминот повторно го добил историското значење.
Тоа исто така кореспондира со ставовите на бугарските историчари во комисијата и веројатната истоветна согласност постигната во рамките на македонско-бугарската комисија.
3. Византија/средновековен период. Македонско-грчката комисија утврдила дека термините Македонија и Македонци во византискиот/средновековниот период немале никаква словенска асоцијација, односно не постоела никаква идентификациска поврзаност помеѓу Словените и имињата Македонија и Македонци. Аналогно на тоа, комисијата постигнала согласност дека во средновековието воопшто не биле користени термините „Словени во Македонија“ или „македонски Словени,“ и аналогно на тоа истите ќе треба да бидат избришани од македонскиот национален наратив.
Тоа имплицира дека комисијата всушност утврдила дека не постоеле македонски словени како посебен етнитет и дека тие не формирале државен политички ентитет во Македонија во средновековието. Оттаму, произлегува дека Самуиловата држава не претставувала посебен ентитет во Македонија, туку била продолжение на „бугарското“ царство. Елаборацијата на Сфетас јасно покажува дека македонско-грчката комисија историски ја разграничила територијата на денешна Република Македонија од историска Македонија, давајќи и притоа бугарски карактер проектиран од средновековието (од бугарските освојувања во 9 век).
Ваквите интерпретации се наполно комплементарни со договорите во македонско-бугарската комисија, која веќе историски го дефинираше „бугарскиот“ карактер на Словените на територијата на Република Македонија (од 9 век), а оттаму и на св. Кирил и Методиј, св. Климент и Наум Охридски, на цар Самуил. Иако досега не е јавно искажано (несомнено поради политичката чувствителност на прашањето и современите импликации во однос на МПЦ-ОА), самата согласност за означување на Самуиловата држава како „бугарско“ царство, а Самуил како продолжувач на „бугарските“ традиции, упатува дека македонско-бугарската комисија и дала „бугарски“ карактер и на Охридската архиепископија (Митко Б. Панов, Expres, 5-6.10.2020).
4. Османлиски период. Согласноста дека терминот Македонци во антиката и средновековието бил асоциран исклучиво како ознака за културното и историското наследството на античките Македонци – односно на Хелените, ја повлекува и договорената интерпретација на комисијата, а за која Сфетас смета дека е една од клучните за грчкиот „национален успех“ (Spiridon Sfetas, Ethnos, 4.11.2019).
Имено, со оглед дека комисијата утврдила дека терминот Македонци не претставувал идентификациска ознака за Словените, што се однесувало и на асоцијацијата на Словените со историска Македонија, грчките историчари во комисијата го наметнале прашањето околу тоа како и кога терминот Македонци станал декларативен термин за Словените.
Во таа смисла, комисиската согласност се однесува на дефинирањето дека терминот Македонци во османлискиот период произлегол од српската хагиографска традиција во која освојувањата на Македонија од страна на српскиот владетел Душан и неговите наследници, се поврзувале со победите на Александар Велики кој бил имитиран како симбол на хероизмот. Оттаму, се извлекува и заклучокот дека терминот Македонци за Словените како христијани, кои го населувале поширокиот простор на Македонија, имал само локален идентитет со географско значење и преку словенскиот мит за Александар се проширил во 16 век. Со други зборови, преку Александар Велики, терминот Македонци во континуитет се поврзува со грчкото културно и историско наследство.
Оттаму и дистинкцијата дека за Грците терминот Македонци продолжил да претставува културно наследство на античките Македонци, што повторно ја легитимира грчката историска присвојност на терминот Македонци.
Како историјата на Македонија во османлискиот период е интерпретирана во рамките на договорените формулации на македонско-бугарската комисија не беше јавно обелоденето, иако беше констатирано дека за овој период не постојат проблематични прашања.
Од изјавите на членовите на комисијата, станува извесно дека преговорите се одвиваат на линија на истоветните интерпретации дека терминот Македонци за христијаните во Македонија во османлискиот период имал значење на локален географски, а не етнички идентитет. Комплементарноста во позициите на двете комисии може да се согледа во познатите грчки и бугарски ставови, дека со терминот Македонци во османлискиот период се означувале Словените како жители на географска Македонија, а кои биле аморфна маса и во зависност од пропагандите и територијалните освојувања на соседите, станувале или Срби, или Бугари или Грци, но не и Македонци!
5. Од 19 век, преку 1944 г. до „Република Северна Македонија“.
Судејќи според содржината на тајниот извештај обелоденет од Сфетас, за грчките членови во комисијата најважно било што комисијата историски го дефинирала терминот историска Македонија и Македонци, разграничувајќи го на тој начин хеленизмот од словенството на територијата на Република Македонија.
Со решавањето на другите клучни прашања за Грција во комисијата – историската референца за Букурешкиот (1913) и Парискиот мировен договор (1919) како потврда на географската делимитација, се посочува на грчката припадност на историска Македонија. Со комисиското бришење на терминот „Егејска Македонија“ и неговата замена со „грчка провинција Македонија,“ пак, се заокружува и грчкиот присвоен историски концепт на термините Македонија и Македонци.
Сето тоа треба историски да ги поткрепи грчките тези дека не била формирана посебна (словено)македонска национална свест во 19 и 20 век и дека македонската нација била вештачки конструкт на Тито, ставена во функција на Југословенскиот иредентизам на пошироката територија на Македонија, вклучително и на историската Македонија во рамките на Грција.
Комплементарноста во ставовите на грчките и бугарските историчари, рефлектирани и во позициите во двете комисии, се согледува и во истоветното дефинирање на историското МРО/ВМРО, на идентитетот на македонските револуционери, вклучително и на Гоце Делчев, за Балканските војни, Првата и Втората светска војна, кога предмет на делби била Македонија.
Исто како што сега тоа се прави преку комисиите, но преку историската ревизија, што се става во функција на конечното заокружување на „македонското прашање“ со ставањето крај на македонизмот. Тоа воедно им обезбедува на Грција и Бугарија историски да го легитимираат непостоењето на македонско малцинство на своја територија, со едноставното образложение дека историски не постоеле Македонци во етничка смисла.
Заклучок
Евидентната комплементарност помеѓу Грција и Бугарија во контекст на договорените историски интерпретации, покажува дека работата на комисиите всушност се сведува на историското дефинирање на термините Македонија и Македонци, преку што Атина и Софија настојуваат да ја легитимираат меѓусебната поделба на историјата на Македонија, а со тоа во крајна линија да ја делигитимираат посебноста на македонската нација.
Тајниот извештај, како и опширната елаборација на Спиридон Сфетас, јасно покажува дека македонско-грчката комисија всушност работела на историско дефинирање на термините Македонија и Македонци. Тоа е ставено во фукција на разграничување на територијата на денешна Република Македонија од историска Македонија, односно делимитирање на хеленизмот од словенството, повикувајќи се на одредбите на Преспанскиот договор.
Грција преку досегашната работа на комисијата, всушност издејствувала историски да се дефинира значењето на термините историска Македонија и Македонци како античко грчко наследство. На тој начин, во историска смисла строго е разграничен хеленизмот од словенството, односно историска Македонија од „Република Северна Македонија“. Со тоа Атина обезбедила историско легитимирање на грчкиот карактер на историска Македонија (во рамките на границите на современа Грција), разграничувајќи ја од денешната „Република Северна Македонија“ на која, пак, и е проектиран бугарски карактер од средновековието до денес. Тоа се легитимира и преку постигнатите договори во македонско-бугарската комисија за историското дефинирање на личностите и настаните од средновековието како „заедничка,“ односно „бугарска“ историја.
Не случајно, Сфетас потенцира дека за Грција од суштинско значење е дефинирање на антиката, додека за Бугарија средновековието, што го потврди членот на македонско-бугарската комисија, Иван Илчев, кој триумфално поентираше дека со договорите во комисиите „Грците ги лишија од античката историја, а ние со Самуил практично ги лишуваме од основниот темел на средновековната историја“ (Илија Илчев, ТВ Европа, 24.02.2019).
Имајќи го предвид сето тоа, се поставува прашањето од кои национални позиции преговарале македонските членови на комисиите? Особено што предмет на ревизија е историјата на македонската нација, а што евидентно се сведува на грчка и бугарска поделба на историјата на Македонија.
Од елаборацијата на Сфетас, произлегува дека претстои да се нијансираат разликите околу историското дефинирање на значењето на термините Македонија/Македонци, но меѓу Атина и Софија. При нивната поделба на историјата на Македонија, разликите се рефлектираат во однос на византиското влијание во Македонија, на што евидентно претендира Грција која се портретира како наследничка на Византија.
Другата посуштинска разлика, која може да се забележи во позициите на грчките и бугарските историчари, претставува користењето на термините Македонија и Македонци од страна на Бугарија, кои за Софија претставуваат историска еквиваленција за Бугарите. Оттаму, воопшто не изненадува забележителната промена во терминологијата на официјална Софија во најново време, каде терминот Македонија/Македонци, вклучително и „македонскиот јазик“ експлицитно се заменува со името „Република Северна Македонија“. Оттаму, не случајно и публикацијата на БАН за јазикот, упатува на доминантното етничко присуство на Бугари во „Република Северна Македонија“, исклучувајќи го притоа постоењето на Македонците и македонскиот народ не само во историска, туку и во современа смисла.
Ваквите суштински нијанси во историското дефинирање на термините Македонија и Македонци, како и тенденциите за поделба на историјата на Македонија помеѓу Грција и Бугарија, евидентно не ги воочиле македонските членови на двете комисии. Во спротивно, немаше да се согласат на ревизијата на историското дефинирање на значењето на термините Македонија и Македонци во античкиот, средновековниот и османлискиот период, пресликувајќи ги притоа грчките и бугарските национални истории. Тие не ги предвиделе и импликациите од нивните досегашни експресни согласности во рамките на комисиите, со што директно се засегнува историското дефинирање на термините Македонија и Македонци – а аналогно на тоа правото на нивно користење како идентификациски ознаки во современието. Комисиската ревизија на историјата на Македонија во сегашната договорена форма, не значи ништо друго туку историско делегитимирање на самото постоење на македонската нација!
Воопшто не е случајно што Спиридон Сфетас, констатирајќи ги „националните успеси“ на Грција во „современата македонска борба“ за историјата, напоменува дека истите произлегуваат од одредбите на Преспанскиот договор.
Доволно е да се погледне воведниот дел од Преспанскиот договор, кој упатува на неопходноста од дефинирање на значењето на термините „Македонија и македонски,“ а што се регулира во член 7 – за да се согледаат грчките историски претензии. Членот 7 од договорот, всушност претендира да го дефинира значењето на термините Македонија и придавката македонски, а со кои во однос на „Република Северна Македонија,“ се означува „територијата, јазикот, народот и нивните одлики, со сопствена историја, култура и наследство“ која е со „различен историски контекст и културно наследство“ од грчкиот.
Меѓутоа, освен официјалниот „македонски јазик“, кој се означува како дел од групата јужнословенски јазици (веќе признаен од ООН), историското дефинирање на „територијата, јазикот, народот и нивните одлики“ евидентно претстои да се утврди со работата на заедничката комисија за историски, археолошки и образовни прашања (Конечен договор за решавање на македонско – грчкиот спор за името), како и со комисијата со Бугарија.
Грчкото МНР, задржувајќи ја официјалната позиција на негирање на историската посебност на македонската нација, која ја третира како вештачки конструкт на Тито, посочува дека „историски терминот Македонија е грчки збор, се однесува на кралството и културата на античките Македонци, кои биле дел од грчката нација и го сочинува неспорниот дел од историското и културното наследство на Грција“, напоменувајќи дека најголемиот дел од античка Македонија влегува во границите на Грција и историски бил нарекуван Македонија, а го сочинуваат грчки граѓани. Министерството појаснува дека името „Северна Македонија“ како ново официјално име е за „сите намени, erga omnes” и ќе се користи на меѓународно ниво и „во рамките на нејзината територија“. Воедно, се засегнува и фундаменталното прашање, со образложението дека „националноста е легален линк помеѓу граѓанинот и државата“, со што зборовите „граѓанин на Република Северна Македонија“ ќе бидат додадени на сите документи кадешто се означува граѓанство, додека референцата на терминот националност е „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“ (Hellenic MFA, The issue of the Name of North Macedonia).
Тоа значи дека официјално во Република Македонија, граѓаните не можат да ја идентификуваат или пројават својата националност преку легалниот линк со државата како „Македонци“, туку исклучиво со строго утврдената дефиниција „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија.“ Во личната карта на ООН тоа е и експлицитно наведено – официјалното име „Република Северна Македонија“ претставува придавка за означување на официјалните органи, јавни институции, приватни ентитети и сл. кои се однесуваат на државата, додека други придавки, вклучително и македонско/и/а „не можат да бидат користени“ во ниту еден од случаите поврзани со државата и јавните ентитети (UNTERM, The Republic of North Macedonia).
Самиот факт што во оригиналниот превод на Преспанскиот договор на македонски јазик (https://vlada.mk/node/17422), воопшто не постои терминот „Македонци,“ ниту „македонска нација,“ сосема јасно имплицира дека со историската ревизија се губи и правото на користење на терминот „Македонци“ како директен линк и асоцијација со државноста. Дури и придавката „македонски,“ за која дел од македонските политичари и интелектуалци уверуваат дека го гарантира идентитетот, согласно со договорот од Преспа и објаснувањето во ООН е забрането да се употребува како изразување на легалниот линк со државноста. Оттаму, и преименувањето на сите државни и национални институции од „македонски“ во „… од Република Северна Македонија“.
Погледнато низ ваквата реална призма, станува сосема јасно какви импликации за македонската нација имаат согласностите околу историските прашања во двете комисии, со кои Грција и Бугарија историски ги дефинираат термините „Македонци“ и „македонски“ и со тоа ја делат и присвојуваат историјата на Македонија. Мора отворено да се каже дека со договорите со Грција и Бугарија, како и со договорените комисиски интерпретации на историјата на Македонија, во реалноста македонскиот народ не само што се лишува од сопствената национална историја, туку му се ускратува правото имињата Македонци и македонски официјално да ги поврзува со сопствената држава! Политички и историски се делегитимира македонската нација!