Секој шести млад човек останал без работа поради ковид-19
Според извештајот, пандемијата довела до нагло и значително зголемување на невработеноста кај младите, процес што е забележан од почетокот на февруари.
Еден од шест млади луѓе во светот го загубил своето работно места од почетокот на пандемијата на коронавирусот, додека вработеноста на оние кои продолжуваат да работат падна за 23%. Ова се наведува во извештајот објавен денеска од страна на Меѓународната организација на трудот (МОТ).
Според извештајот, пандемијата довела до нагло и значително зголемување на невработеноста кај младите, процес што е забележан од почетокот на февруари.
– Економската криза предизвикана од ковид-19 ги погодува младите луѓе, особено жените, потешко и побрзо од која било друга група. Ако талентот и енергијата на младите се стават во втор план поради недостаток на можности или искуство, тоа ќе и наштети на нашата иднина и ќе го комплицира економското закрепнување по пандемијата – рече Гај Рајдер, извршниот директор на организацијата.
„МОТ“ повикува на итни мерки за поддршка на младите луѓе, вклучително и започнување големи програми за вработување и обука во развиените земји и обезбедување на сигурност во работата за младите луѓе во земјите со ниски и средни приходи.
Според организацијата, во 2019 година стапката на невработеност кај младите била 13,6%, што е повисоко од која било друга група. Сега има околу 267 милиони млади луѓе во светот кои немаат работа и не одат на училиште или обука. Вработените млади на возраст меѓу 15 и 24 години најчесто работат на работни места со ниски плати, работат во неформалниот сектор или работат како мигранти, што ги прави ранливи.