Филипче: Лидерите на партиите ќе го кажат датумот за изборите
За тајмингот на изборите - ние не сме надлежни тоа да го кажеме заради тоа што изборите имаат повеќе аспекти - рече Филипче.
Апсолутно – големите собири се забранети, а и кога ќе ги има ќе мора дистанца од 1,5 до 2 метри да се одржува, стои во документот од Комисијата – одговори денеска министерот Филипче во врска со тоа зошто Комисијата за заразни болести не ги забрани митинзите.
Во овој момент, нагласи Филипче, важат уредбите за носењето маски и за одржувањето на дистанцата, така да апсолутно препорака на Комисијата за заразни болести е големи настани и собири да не се одржуваат и тоа е јасно ставено во тој документ.
Во однос на протоколот за изборите, министерот изјави дека претседателот Стево Пендаровски побарал Комисијата да го изработи здравствениот протокол.
– Лидерите на партиите се тие кои треба да решат за датумот на спроведување на изборите. Експертите го изработија протоколот, земајќи ги предвид сите актуелни аспекти за спроведување на изборите. За тајмингот на изборите – ние не сме надлежни тоа да го кажеме заради тоа што изборите имаат повеќе аспекти. Од нас се побара само да се изрботат некои здравствени аспекти за имплементација на протоколи, меѓутоа има и многу други аспекти на изборите – правни, економски – додаде Филипче.
Тој смета оти сега епидемијата е повеќе под контрола, а ризикот може да биде зголемен во претстојниот период.
– Зошто сега сметаме дека е епидемијата повеќе под контрола наспроти тоа што може да е зголемен ризик во периодот кој што следи е што сега се позитивни ефектите од карантините, затворени се училиштата, градинките, границите. Кога ќе се отворат границите и ќе се пуштат училиштата и градинките, сето ова е дополнителен ризик да се појават нови случаи. Подоцна, наесен, е и сезонскиот грип така да мандатот на комисијата е да ги каже здравствените аспекти, а за тајмингот ќе одлучат лидерите на партиите- додаде Филпче.
За тоа како со вирусот се заразиле новите случаи во Скопје и колку се во изолација, Филипче кажа дека станува збор за 20-тина луѓе во Чаир кои биле на семеен настан, а попрецизни бројки најави по пресот.
А најголемиот број од починатите,, како последица од корона вирусот, имале хронично заболување на белите дробови или дијабетес.
– Може да ја извадиме точната статистика. Тоа се хроничната опструктивна болест, хроничната кардиовласкуларна болест, хроничната слабост на срцето – кардиомиопатија и дијабетесот. Стандардните хронични состојби го ослабнуваат кардиоциркулаторниот капацитет, пулмоналниот капацитет, белодробниот и било каква инфекција, белодробна или друга, значи дека може да има поголем ризик од смртност – додаде Филипче.
За тоа во кои скопски општини има заразени од корона вирус, се уште се прави анализа.