НВО Инфоцентар: Општините немаат развиено механизми за спречување на корупција

351

Општините во земјава, генерално, немаат развиено посебни практики и механизми за спречување на корупцијата. Свесноста за корупцијата и особено за судирот на интереси е на многу ниско ниво. Заложбите во насока на спречување на корупцијата и судирот на интереси сè уште се само декларативни. Има општини кои дури и не знаат дека имаат усвоено антикорупциски документи, како и општини кои имаат и практикуваат одредени антикорупциски правила, но не ги препознаваат како такви. Покрај изработка, усвојување, воведување и спроведување на конкретни антикорупциски политики и механизми, се чини дека е потребна и масовна едукација на локално ниво за етичките стандарди, како и за препознавање, контролирање и управување со судирот на интереси и за спречување на корупцијата.

Ова е дел од заклучоците на НВО Инфоцентарот, во рамки на проектот „Рефлектор врз антикорупциските практики на локално ниво“, финансиски поддржан од УСАИД, кој ги опфати сите општини, како и Градот Скопје.






До сите општини и Градот Скопје биле доставени барања за пристап до информации од јавен карактер. Одговори и документи доставиле вкупно 68 или 84% од вкупниот број општини во државата.

„Дури 70% од општините немаат никаков документ за антикорупција. Кај повеќето од општините кои имаат усвоено некаква политика за борба против корупцијата, овие документи се од постар датум – од 6 до 12 години и не се ревидирани. Неколку општини на своите интернет-страници имаат објавено антикорупциски документи, но одговориле дека немаат. Во ниту една општина која доставила одговор нема пријавено корупција во последните две години.

Само четири општини одговориле дека имаат некаков конкретен механизам за пријавување корупција. Само четири општини одговориле дека во последните две години имале случаи на пријавување на постоење конфликт на интерес. Само 5% од општините имаат акт за прием на пријави од укажувачи, а само 7% имаат назначено лице за прием на пријави од укажувачи“, се наведува во извештајот.

Приоритетни мерки кои им се препорачуваат на општините се: (1) Изработка, усвојување и објавување на декларација во форма на документ за борба против корупцијата и судирот на интереси во општината, т.н. политика на интегритет; (2) Воспоставување механизам (систем) за пријавување неправилности и сомнежи за измами или корупција (како телефонски број, адреса за електронска пошта, итернет-платформа за анонимно пријавување и сл.), проследено со соодветна процедура; (3) Назначување, овластување и јавно објавување на лице (и/ или канцеларија) за постапување по неправилности и сомнежи за измами или корупција; (4) Назначување, овластување и јавно објавување на лице за заштитено внатрешно пријавување; (5) Изработка и објавување на процедура за заштитено внатрешно пријавување; (6) Назначување, овластување и јавно објавување на лице (повереник) за етика/ интегритет; (7) Назначување, овластување и јавно објавување на лице за посредување со информации, како и на начинот на пристап до информации од јавен карактер; (8) Вклучување во овие механизми или нивно пренесување и на институциите што се во надлежност на општините, пред сè, локалните јавни претпријатија.

Целосниот текст на истражувањето „ Антикорупциските политики и механизми во општините“ ќе го најдете на следниов линк: http://nvoinfocentar.mk/wp-content/uploads/2020/05/Analiza-na-antikorupciskite-politiki-na-lokalno-nivo_final.pdf

Поврзани содржини