Филипче во Атина ќе договара како ќе патуваме летово во Грција
Меѓу другото ќе се разговара и за тоа какви тестови ќе се бараат и колку време ќе важат.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска ќе замине во Атина на состанок со министерот за здравство на Грција на кој ќе се зборува за мерките за заштита при патување по отворањето на границите со јужниот сосед.
– На средбата ќе размениме искуства за досегашното менаџирање на кризата, кои треба да помогнат во понатамошната битка со вирусот. Подготовките на здравствениот систем за следниот период кога се очекуваат нови пикови, и најбитно од сѐ, за координација во однос на отворање на границите и аеродромите – рече Филипче на денешната прес-конференција.
Тој рече дека во однос на отворањето на границите има различни ставови и национални политики, кои е потребно да се координираат.
– Од една страна некои земји бараат тестирање пред патување, други најавија дека нема да бараат. Ние за таа цел посебно, имајќи предвид дека може да бидеме многу оптоваренисо патници кои транзитираат, но и наши граѓани кои сакаат да патуваат, вклучително и странци, во таа смисла ќе размислуваме и за алтернатива за карантините, доколку се одлучи на таква работа – рече Филипче.
Времето кога тоа ќе започне, посочи тој, ќе произлезе токму од овие состаноци.
– Да имаме барем на ниво на регионот еден унифициран пристап за да нема збрка и да не се бара една работа во една држава, па за друга во транзит нешто сосема друго или на крајната дестинација повторно некое трето барање. Во таа смисла се координативните состаноци и верувам дека повеќе информации ќе имаме во текот на следната недела – изјави Филипче.
Тој рече дека за нас е поважно како ќе се реши патувањето по сувоземен пат, зашто наши граѓани патуваат со автомобили, потоа доаѓаат странци кои транзитираат но и запираат на неколку дена во земјава.
– Сега предвид доаѓа тестирање кое можеби е со важност неколку денови, но кое сепак не е гаранција, може да е некаква сигурност – рече тој и додаде дека сите детали ќе се договорат на регионалните состаноци со колегите.
Меѓу другото ќе се разговара и за тоа какви тестови ќе се бараат и колку време ќе важат.
– Верувам дека ова ќе биде една добра координативна средба -додаде тој.
Владата донесе одлука за посета на функционери на соседните земји, само за регионални состаноци за координирање активности и мерки во однос на олабавувањето на мерките.