Границите ќе се отвараат по конзилиумот на министрите за здравство – дали ќе треба брис или друг документ
И со министрите од другите околни земји ќе се дискутира да се постават критеруми за влез на странците и за излезот на граѓаните. Дали ќе им се бараат докази - како брисеви, или други документи, тоа ќе се дискутира - појасни Филипче.
Кога би се отвориле границите и останува ли и натаму да важи мерката државен карантин, се едни од прашањата за кои денеска се интересираа новинарите по пресот на министерот Филипче.
– Карантините за нашите граѓани кои се враќаат од странство останува, тие се покажаа како одлична мерка, да се биде 14 дена во изолација. Почнуваме и со подготовки за состанок со министрите за здравство од околните земји во врска со евентуалното отварање на границите. Има најави за таков состанок и за тоа треба да се кординираме – за движењето на граѓаните – одговори денеска министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој со грчкиот колега веќе исконтактирал за оваа тема.
– И со министрите од другите околни земји ќе се дискутира да се постават критеруми за влез на странците и за излезот на граѓаните. Дали ќе им се бараат докази – како брисеви, или други документи, тоа ќе се дискутира – појасни Филипче и додаде дека патувањата на нашите граѓани во странство и враќањето во земјата, враќање на децата во училиште, исто како и евентуален број на заболени од сезонски грип во есенските месеци се фактори кои можат да ја влошат состојбата и затоа треба да сме внимателни.
Во однос на датумот за одржувањето на изборите, министерот одговори:
– Сите процеси, мерките што ги носиме и предвидувањата што ги даваме сега се врз основа на истите параметри кои цело време ги анализираме, затоа се и овие констатации и предвидувања за претстојниот период. Наш став е дека сите мерки се димензионираат врз основа на бројките на пациенти и воспоставените параметри. Сите мерки ги дадоа резултатите и сега според сознанијата и предвидувањата сметаме дека пред нас е мирен период – рече Филипче.
Тој појасни дека условите за олабавување на мерките и враќање во нормала се изготвуваат врз основа на три критериуми – дали епидемијата е под контрола, дали здравствениот систем може да се справи со постојниот број пациенти или евентуално, поголем, и дали може да врши надзор врз нив и да ги идентификува контактите .
– Во однос на првиот критериум, Р0 факторот на пренос треба да е помал од 1, а кај нас подолг период е од 0,6 до 0,9, односно еден пациент заразува помалку од едно лице. Здравствениот систем може да ги изменаџира сите случаи, бидејќи во целиот период во ниту еден момент не беа целосно искористени болничните капацитети. А плус, системот има и капацитет за откривање на контактите на поврзани со новодијагностицираните – рече Филипче,
Министерот најави дека за ангажманот во епидемијата на корона вирусот ќе бидат наградени лекарите и медицинските сестри.