Верници масовно присуствуваа на литија во Струга, СДСМ бара оставка од Чулев ВИДЕО
Река од луѓе, без дистанца од два метри и без заштитни маски одеа зад поворката од свештеници која се движеше низ струшките улици.
За време на пандемијата со коронавирусот, денеска во Струга со масовна посетеност се одржа литијата.
Стотици жители на Струга во време на пандемија, учествуваа во традиционален верски собир – литија со чесните мошти на Светиот Великомаченик Георгиј и неговата чудотворна икона збогатена и со неговите чесни мошти од неговиот манастир во Рајчица, како и Чудотворната икона на Пресвета Богородица – Крнинска и на Христос Архиереј од Манастирот Пречиста Кичевска.
Река од луѓе, без дистанца од два метри и без заштитни маски одеа зад поворката од свештеници која се движеше низ струшките улици.
Литијата беше предводена од митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, а ја обезбедуваше и полиција.
„Денеска, јавноста беше сведок на масовно прекршување на забраната за групни собири во Струга. Стотици граѓани без заштитна опрема, без соодветна дистанца масовно се движеа низ Струга, а полицијата беше прустуна на настанот и воопшто не реагираше. Наместо предупредување, укажување и спречување на масовен собир во услови на опасна здравствена пандемија, полицијата иако присутна на настанот, не само што не реагираше, туку немо го следеше прекршувањето на забраната“, реагираше СДСМ; барајќи оставка од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
Инаку, на веб-страницата на Бигорски манастир, на 4 мај беше објавено:
„Поради вонредната состојба со пандемијата на коронавирусот, и во согласност со превентивните мерки на државните и здравствените власти, овој пат Литијата ќе биде составена само од дел од локалното свештенство и монаштво, без присуство на верниот народ. Учесниците ќе се придржуваат кон потребните мерки, а локалното население ќе може да ја проследи само од по тротоарите на улиците каде што таа ќе минува, држејќи го препорачаното растојание“.
фото: Strugaonline