Раководството на МЗТ Скопје Аеродром денеска испрати конкретен предлог до кошаркарската федерација за начинот на кој тие сметаат дека би можело да се дојде до нов шампион и тоа во период од само еден месец.
– Согласно трендот на намалување на пандемијата со коронавирусот и најавите за нормализирањето на животот во државата, наш став е дека во текот на јуни може да се одигра скратен плејоф со екипите кои обезбедија пласман во Суперлигата. Во четвртфиналето би играле екипите 3-6 и 4-5 до две победи, додека двете првопласирани екипи би биле слободни. Во полуфиналето би се сретнале лидерот на табелата со победникот од 4-5, додека второпласираниот со победникот 3-6, во серија до три победи. Победниците би се нашле во големото финале, кое исто така би се играло до три победи. Сите средби би се играле дома и на гости, а дали ќе има публика зависи од проценката на државните органи – велат од МЗТ.
Екипите би настапиле, се додава во предлогот, само со домашни кошаркари, бидејќи странците многу тешко би дошле поради затвореноста на границите и задолжителниот карантин.
– Поради тоа предлагаме мини-преоден рок од 15 до 31 мај во кој прволигашите би се докомплетирале. Згора на тоа, наш став е дека најнапред треба да се одигра и последното 18 коло од Првата лига за да се одредат стартните броеви на екипите пред доигрувањето со оглед на малата додовна разлика помеѓу тимовите. Нашиот предлог предвидува и одредено пролонгирање, ако тоа биде потребно, со тоа што предложените датуми би се поместиле за периодот кој ќе биде одреден за подоцнежен старт на доигрувањето на кошаркарската елита – сметаат од кошаркарскиот клуб.
Со ова, според нив, би се задоволиле желбите и ставовите на поголем број клубови искажани изминатиов период дека првакот се добива на терен, нешто што и претседателот Перо Антиќ го потенцира во повеќе наврати.
Од челниците на КФМ тие бараат нивниот предлог да биде презентиран пред клубовите како и пред членовите на Управниот одбор на првиот следен состанок.