Чикаго го посочи првиот преносител на заразата – бил на вечера, па на погреб, па на роденден

Три дена по погребот, суперпренесувачот отишол и на роденденска забава на која присуствувале девет членови на неговото семејство, а тој изјавил дека бил во близок контакт со сите од нив.

887

Во февруари, кога Америка сè уште сметаше дека го оневозможила продорот на новиот коронавирус, еден жител на Чикаго, кој бил заразен со ковид-19, отишол на погреб, а три дена подоцна и на роденденска прослава заедно со семејството и со роднините.

На тој начин започнал ланецот на заразени во овој дел на Америка, а како што потврди Центарот за контрола и спречување на болести, само од овој човек се заразиле 15 лица, а тројца од нив починале.






Оттаму го посочуваат овој пример за да им докажат на граѓаните колку е пресудно придржувањето до препораките за социјална дистанца и забрана за движење.

Всушност, наведуваат американските власти, сè започнало кога еден ден пред погребот овој човек бил на вечера со двајца пријатели, а тројцата јаделе од една иста порција. За време на вечерата која траела околу три часа и за време на погребот кој траел околу два часа, суперпренесувачот прегрнал четворица меѓу кои и двајцата пријатели со кои претходно бил во ресторан.

Во следните два до шест дена, тројца луѓе развиле симптоми на ковид-19, а меѓу нив и една жена која била хоспитализирана и која починала еден месец подоцна. Другите двајца заразени не завршиле во болница и се опоравиле.

Три дена по погребот, суперпренесувачот отишол и на роденденска забава на која присуствувале девет членови на неговото семејство, а тој изјавил дека бил во близок контакт со сите од нив.

Кај седуммина од нив во рок од три до седум дена по роденденот се појавиле симптоми на ковид-19, а двајца завршиле во болница и починале.

Од Центарот за контрола и спречување на болести наведуваат дека овој случај отсликува колку е вирусот заразен.

Поврзани содржини