АЕК ќе донира 1 милион евра за борба против Ковид-19
Според предлог одлуката за користење на нереализираните средства од лани, Агенцијата планира со близу 4 милиони евра да ги зголеми скоро сите ставки на расходи за годинава.
Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ќе донира близу милион евра за справување на државата со Ковид-19. Овој износ на пари АЕК ќе го обезбеди од нереализираниот финансиски план за 2019 година од кој на располагање има вкупно 436.421.516 денари (над 7 милиони евра).
Покрај донацијата АЕК од овие пари годинава планира да издвои и 3, 2 милиони евра (197.517.600 денари) за изградба на антенски систем за контрола и мониторинг на Водно. Или годинава на изградба на антенскиот столб вкупно ќе потроши 3,4 милиони евра (209.927.000 денари).
Според предлог одлуката за користење на нереализираните средства од лани, Агенцијата планира со близу 4 милиони евра да ги зголеми скоро сите ставки на расходи за годинава.
Па така, надоместоците на трошоци на работници и граѓани, односно за еднократна парична помош – смрт на вработен, болест, надоместок по правилник ќе ги зголеми за 20.000.000 денари или фкупно во 2020 за таа намена планира да потроши 23.812.500 денари.
За интелектуални и други услуги трошоците годинава АЕК планира да потроши вкупно 77.833.000 денари. Од нив кај правни услуги е планирано зголемување за 750.000 денари, кај обука за стручно усовршување, зголемувањето е за 5.520.000 денари, додека кај други договорни услуги зголемувањето е за 14.200.000 денари.
Вкупно 6.650.000 денари, АЕК планира да потроши судски трошоци и отпис на побарувања за минати години.
Кај набавката на информатичка опрема има зголемување од 30.074.000, а кај друга опрема зголемувањето е за 56.500.000. Вкупниот износ на оваа расходна ставка за 2020 изнесува 215.377.934 денари.
Агенцијата планира годинава да потроши 15,5 милиони евра (956.971.516,00 денари) колку што планира да оствари приходи во текот на 2020 година.