Не е сѐ така црно

Сепак, бидејќи оваа Иницијатива беше доставена директно до врвот на Владата, не можеше целосно да биде игнорирана. За разврската – следниот пат.

1,256

За да ја привршам темава за кризната/вонредната состојба и културата, или некултурата, заради нејзината фактичка невидливост во овие времиња, со причина го избрав насловот: Не е сѐ така црно. Во културата, се разбира. Иако можев да ставам и дека една ластовичка не ја прави пролетта. Ќе беше еднакво соодветна.

Сакам да кажам дека бев речито демантиран дека македонската култура спие, дека дури не умее ни да побара а камоли да се избори за некакви свои „права“ во вакви времиња наспроти гласноста на сите други во државава, особено т.н. бизнис сектор. Бев демантиран од – морам да кажам – оние од кои и се очекуваше такво нешто: еден мал но агилен, активен и успешен дел од оној независен, или вонинституционален сегмент од македонската културна сцена, којшто, патем, и го спомнав, иако не поименично, во еден од претходните текстови.






Сега, поточно пред неколку дена, тие (Асоцијацијата ЈАДРО и Синдикатот на културните работници), обединети околу иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“, упатиле повик, Иницијатива, за помош на овој важен сегмент од македонската култура. Иницијативата била упатена до: премиерот, заменик премиерот за економски прашања, министерот за култура и градоначалникот на Скопје. И тоа де факто е одличен почеток на разврзувањето на мистериозното за оваа држава клопче викано – македонска култура.

Иако, повторувам, Иницијативата на невладиниот сектор – Асоцијацијата ЈАДРО обединува повеќе субјекти од македонската независна културна сцена – се однесува на проблемите што тие ги чувствуваат во овие мигови и нивните предлози, нормално, сугерираат решенија токму за тие состојби. Впрочем, би било нелогично (а можеби и не?) тие да се залагаат за некакви системски решенија што би ја тангирале целата култура. Велам „а можеби и не“ зашто, да речеме, таму има многу поумни и постручни за културата луѓе од сите актуелни директори на националните културни институции – чест на исклучоците, ама малку се! – вклучувајќи го тука и целото Министерство за култура, така што можеа во Иницијативата барем да им нафрлат неколку неопходни мерки, колку за показ. Сеедно, можеби вака е и подобро, за да се види кој, што и како работи. И (не) знае!

Елем, во Иницијативата фигурираат три точки, три барања: 1. Формирање на специјален фонд за доделување на субвенции како месечни надоместоци за припадниците на домашната вонинституционална културна сцена, погодени од кризата со корона вирусот. Фондот да опфати средства за исплата на месечни надоместоци за период од 6 месеци, почнувајќи од март 2020 година, во износ од просечно бруто плата за вработените во правните лица и ТП самостојни уметници влезени во системот на бенефиции на Министерство за култура, и износ од просечно нето плата за невработените – хонорарно ангажирани уметници и културни работници, на кој ќе го покрие персоналниот данок на доход; 2. Итна и неодложна исплата на средствата доделени за финансирање на проекти од 2019 година од страна Министерство за култура и единиците на локална самоуправа; 3. Итно потпишување на договори за финансирање на проекти поддржани во 2020 година помеѓу Министерство за култура, Град Скопје, другите единици на локална самоуправа и корисниците, прилагодување на планот и роковите за нивна реализација согласно состојбите на терен, префрлање на 70% од доделените средства по потпишување на договор и признавање на досега направените трошоци за организирање на програмата, и покрај откажувањата или доцнењата во нивната имплементација (на пр. откажани авионски билети, трошоци за тековно работење и слично).

Има барем две интересни нешта со оваа Иницијатива. Прво, не видов дека добила некаков посериозен одглас во јавноста, или во пресовите на Владата, или во медиумите… Повторно молк, штама, како да се работи за барања на некој непознат и целосно ирелевантен екстратерестријален субјект. Поголема гласност добиваат барањата на занаетчиите! Ок, нивната работа е можеби поважна за државата, ама културата би можела во некоја друга прилика соодветно да одговори и да ја упати истава држава на таа адреса. Па нека се чуди! И второ, таа открива дел од т.н. „слаби места“ во функционирањето на независната културна сцена, но посредно укажува и на некои сулуди состојби кај нас. На пример фактот дека се’ уште има неисплатени средства за проекти од 2019 година, а веќе е април 2020 година! Ама кого тоа го интересира, нели?

Најмалку јавноста, или не дај боже Владата?! Во претходните текстови укажував како другите европски министри за култура и влади се однесуваат кон културата во нивните земји, каква гласност им даваат на нејзините барања итн.

Сепак, бидејќи оваа Иницијатива беше доставена директно до врвот на Владата, не можеше целосно да биде игнорирана. За разврската – следниот пат.

Поврзани содржини