Пандемијата на коронавирусот го погоди целиот занаетчиски сектор и тој во моментов е во криза, поради тоа што нема побарувачка на занаетчиски производи и услуги. Во овој сектор фукционираат семејни бизниси, па егзистенцијата на цели семејства и на вработените се доведува во прашање.
– Занаетчиите никогаш не плачеле, никогаш не молеле, занаетчиите биле цврст камен кои се бореле во време и во невреме, но сега дојде моментот и да плачеме и да молиме и да кумиме за помош сѐ со цел да не загасне и ова занаетчиство кое го имаме во Скопје – рече претседателот на Занаетчиската комора – Скопје, Никола Петров.
Во занаетчискиот регистар се регистрирани занаетчии кои функционираат како самовработени лица и занаетчии кои имаат вработени. Станува збор за околу 5.800 занаетчии и околу 3.300 вработени.
– Со досегашните мерки од Владата, занаетчиите не се опфатени во ниту една мерка. Оние кои се предлагаат деновиве, а кои се на разгледување, опфаќаат субвенции на минимална плата за вработените, а придонесите остануваат на товар на работодавачот. Проблем имаат оние кои вршат самостојна дејност, самовработени лица, затоа што немаат обврска да плаќаат плата за себе, туку да плаќаат придонес за задолжително пензиско и здравствено осигурување – изјави Петров.
Тој вели доколку се донесе најавената мерка за субвенција на плата, а обврската за придонеси падне на работодавачот, занаетчиите со бројка од околу 5.800 лица нема да бидат опфатени со мерките, па нема да бидат субвенционирани, ниту со плата, ниту со придонеси.
Од Комората до Владата бил поднесен предлог со анти-кризни мерки, за кои досега немаат никаков одговор.
Тие предлагаат во мерката за субвенционирање на платите и придонесите да се предвидат и занаетчиите за време на кризниот период, во спротивно се очекува затворање на овие бизниси и отпуштање на вработените.
Во мерката за ослободување од аконтација на личен доход, Комората предлага да бидат опфатени и занаетчиите кои паушално плаќаат данок по решение на УЈП, како и занаетчиите кои плаќаат данок во реално остварен приход сѐ додека трае кризата.
– Да се најде модул и можност и занаетчиите да аплицираат за кредити од Македонска банка за обнова и развој за да можат да останат бизнисите ликвидни, затоа што сега занаетчиите не се предвидени да аплицираат на јавниот повик, поради тоа што не се предвидени како ораганизациона форма според Законот за занаетчиство – изјави претседателот.
Петров вели занаетчиите, како и нивните вработени, кои ќе бидат дома и во самоизолација, да имаат третман на болни и да бидат платени од Фондот од првиот ден на отсуство и трошокот да биде на товар на ФЗОМ. Затоа што станува збор за самовработени лица кои доколку не работат не можат да остварат приход за егзистенција.
Занаетчиската комора Скопје апелираше неколку пати до Владата и до надлежните министерства за ситуацијата во секторот, затоа што добива многу барања од занаетчии за помош во овие тешки денови.
– Владата мора да изнајде начин со финансиска поддршка да им излезе во пресрет на занаетчиите. Во спротивно, бројот на занаетчии ќе опаѓа, ќе престанат да вршат дејност многу бизниси и во иднина сѐ помал број на лица ќе се регистрираат како занаетчии. Занаетчиството ќе биде на работ на пропаста по оваа криза. Сега е моментот кога Владата треба да му помогне на секторот затоа што без финансиска помош многу бизниси нема да издржат – рече Петров.
Како што нагласи, влијанието на кризата се чувствува од првиот ден.
– Човек не влегува во дуќан со месеци. И побарувачката и продажбата на занаетчиските услуги е сведена на минимум. Тоа го чувствуваат занаетчиите од сите дејности: фризери, козметичари, вратари, бравари, градежници, столари, цвеќари, пекари, слаткари, леблебеџии, чевлари… Апелираме до Владата да не изгубиме ниту еден занаетчија и ниту едно работно место во занаетчискиот сектор затоа што секој занаетчија придонесува за намалување на невработеноста и за егзистенција на своето семејство и своите вработени, плаќа даноци, придонеси и е бизнис како и секој друг. Во спротивно, тешко ќе ги вратиме, ќе одлетаат некаде каде што сега после ова многу ќе ги бараат. Ова еднаш ќе заврши, а сите занаетчии ќе си го барат чарето – предупреди Петров.