Со руски рулет против корона
Додека европските метрополи се претвораат во сенишни градови, Шведска избра да се движи по друг пат. Наместо да воведе строги забрани и санкции, шведските институции апелираа на разум и на чувството на одговорност на граѓаните – но пред се од аспект на доброволност во следењето на препораките и советите за справување со кризата предизвикана од ширењето на вирусот.
Можна ли е поинаква стратегија од драстичните мерки и рестрикции во борбата против ширењето на корона вирусот кои се применуваат во цела Европа? Шведска со нејзиното „чудно игнорирање“ и избегнување да биде понесена од масовниот бран на воведување вонредна состојба, затворање на работни места, изолација и престанок на речиси сите активности на континентот, се наметна како тема на бројни анализи.
„Шведскиот експеримент“ привлекува внимание во глобални рамки, но мислењата се поделени. Додека дел од коментарите во Германија се на линија дека Шведска „досега беше урнек“ со својата стратегија, има и поинакви мислења, без некакво посебно восхитување, како на пример кај либерланиот британски „Гардијан“, кој пишува дека Шведска во времето на корона кризата игра „руски рулет“.
Многумина германски граѓани, како што пренесуваат од Германско-шведската трговска комора во Стокхолм, се јавуваат прашувајќи дали Швеѓаните навистина не разбираат што се случува. За разлика од Германија каде што се забрените сите собири со повеќе од двајца луѓе, во Шведска бројката е ограничена на не повеќе од 500 луѓе. Основните училишта и градинките се и понатаму отворени, фитнес-центрите, како и рестораните и баровите, иако деновиве стапи на сила дека се забранува „висење крај шанкот“ и танцување, така што сите гости мора да седат крај масите на пристојна оддалеченост.
Мерките се историски, бидејќи никогаш порано во мирновременски услови не биле воведени во Шведска, но во исто време се далеку поблаги и поумерени за разлика од острината со која други европски земји реагираа во текот на корона кризата. Во Италија, Франција и Шпанија владее речиси тотална забрана за излегување од домовите, а во Белгија се користат дронови за да се предупредуваат граѓаните да се држат на растојание еден од друг. Во источноевропските земји, каков што е случајот во Србија и Македонија, е воведен полициски час, при што постојано се заговара негово заострување и продолжување.
Додека европските метрополи се претвораат во сенишни градови, Шведска избра да се движи по друг пат. Наместо да воведе строги забрани и санкции, шведските институции апелираа на разум и на чувството на одговорност на граѓаните – но пред се од аспект на доброволност во следењето на препораките и советите за справување со кризата предизвикана од ширењето на вирусот.
Шведската линија предизвикува восхитеност, но и неверица и ужасеност кај многумина во светот. Додека некои зборуваат за Шведска како урнек, земја која се чини настапува со студена глава додека остатокот од светот тоне во состојба на паника и хистерија, други со вистинска зачуденост и ужас гледаат на премногу смелиот „експеримент“ за кој се определија Швеѓаните. Посебно во Германија се следи со неверување и скепса „неочекуваниот пат“ што го избрала Шведска во борбата против корона. Но експертите едновремено укажуваат дека шведскиот модел би можел да биде и вистинската алтернатива, доколку општетство прифати растечка бројка на смртни случаи.
Сепак, факт е Швеѓаните, особено во време на кризи, имаат висока доверба во своите институции. Додека во Европа и светот со зачуденост се следи шведската линија во бробата против пандемијата, мнозинството шведски граѓани, 56 проценти, во најновите анкети иразуваат уверување дека Шведска успева да се справи со корона кризата на многу добар, или барем на мошне добар начин.
Шведските весници пишуваат дека од гледна точка на Германија Швеѓаните во актуелниот миг се афаќаат како мошне безгрижен народ кој не сака да ги согледа димензиите на кризата. Иако таквото толкување, се разбира, не оди подалеку од еден типичен црно-бел приказ на нештата. Сите земји реагираа со задоцнување. Но, како што пишува најтиражниот германски весник, „Билд“, Шведска имаше доволно време да види што се случува во Јужна Европа. Еден ден е „цела вечност“ во време на корона кризата.
На Швеѓаните едновремено им се забележува дека им недостига колективна меморија од војни и катастрофи. Втората светска војна „ја заобиколи“ неутрална Шведска. Токму затоа, земјите кои имаат искуства од уништувања и воени разорувања се чини пристапуваат кон кризи со поголема сериозност и решителност. Повеќето европски земји се несомнено дел од тоа заедничко историско искуство.
За Германците, на пример, се вели дека се повеќе настроени кон хиерархија, така што за нив не се доволни само препораки на државни институции задолжени за јавното здравје. Германците сакаат јасни одговори дали нештата се црни или бели, очекуваат конкретни директиви дали треба да се оди лево или десно. Според сондажите, околу 95 отсто од германските граѓани сметаат дека била добра мерката со која се забранува собирање на повеќе од двајца граѓани на јавни места. Само три проценти од анкетираните Германци се против таквата мерка.
Но од друга страна, Германците и многумина други европски граѓани со силни реакции го коментираат „шведскиот експеримент“ и фактот дека Шведска е единствената земја во Западна Европа која применува мошне либерален пристап во борбата против опасната и крајно загрижувачка корона-пандемија. Логична равенка меѓу непознатите, – во однос она што се смета за општо познати и прифатени факти пред кои не треба да затвораат очите, – овде тешко се воспоставува.
Шведска засега има релативно ниски бројки на починати од вирусот. Дали „рускиот рулет“ ќе заврши со чкрапалото на судбоносниот истрел – останува да се види.