Од денеска е во функција Кол центарот во Здравствениот дом во Скопје со цел да се зголеми капацитетот на телефонските линии. Од понеделник ќе профункционираат и двата пункта во поликлиниките Чаир и Јане Сандански. Матичните лекари ќе бидат вклучени во процесот на закажување преку системот Мој термин, пациентите ќе можат да се јават кај матичните за ако има индикација да се закаже термин за тестирање според епидемиолошкиот алгоритам.
Филипче најави дека попладнево на седница на владата ќе побара да се воведат дополнителени мерки за граѓаните повеќе да ги почитуваат веќе донесените мерки зашто, како што рече, е евидентно дека сѐ уште има собирања во групи.
– Заврши јавната набавка за респираторни машини. Иако постигнавме цена од 16.000 евра, ниту еден економски оператор не можеше да го задоволи критериумот за итна набавка. Затоа тој дел од набавката е поништен и ќе се повтори преку Владата – рече министерот за здравство Венко Филипче.
Бројот на дијагностицирани очекувано е во пораст со појавени изолирани случаи настрана од постоечките кластери со кои сите нови се во корелација.
Од денеска Министерството за здравство ќе информира еднаш во денот во 12 часот, а бројот ќе се однесува на изминатите 24 часа. Билансот на заболените ќе се темели на податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) кој ја дигитализираше базата а има целосно евиденција и од сите места каде се врши дијагностика на корона вирусот во нашата земја.
Во текот на ноќта се потврдени уште 9 случаи, со тоа вкупната бројка изнесува 85. Заболени има во градовите Скопје, Дебар, Гостивар, Кавадарци, Штип и Охрид.
Состојбата кај сите пациенти е непроменета, вклучително и кај пациентката која е ритична и е на респираторна машина. Тројца пациенти се со потешка форма на пневмонија, а другите се со полесна клиничка слика. Пациентите кои се на домашно лекување во Дебар се со лесна клиничка слика и се стабилни.
Здравствените работници се целосно мобилизирани, направен е систем на ротација, се третираат само итните и малигните случаи.
Во земјава има на располагање 120 респираторни машини.