811 МИЛИОНИ ЛУЃЕ НЕ МОЖАТ ДА СИ ДОЗВОЛАТ ЗДРАВА ИСХРАНА Годишно се фрлаат околу 88 милиони тони храна
Бројот на луѓе кои немаат доволно храна расте на глобално ниво. Ова ги поткопува напорите на човештвото да постигне една од целите на одржливиот развој, целта за промоција на достапноста на храната и искоренување на гладот и сите форми на неисхранетост до 2030 година.
Од година во година се повеќе луѓе во светот се гладни, а прогласувањето на пандемијата на коронавирусот влијаеше на тоа овој број драстично да се зголеми. За жал, повеќе од 811 милиони луѓе не можат да си дозволат здрава и редовна исхрана.
Со цел да се привлече вниманието на јавноста кон овој многу тежок проблем, а некои би рекле дека е лесно да се реши, бидејќи годишно се фрлаат околу 88 милиони тони храна, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) оваа година по повод Светскиот ден на храната организира разни активности за да привлече внимание кон овој проблем.
Покрај тоа, граѓаните ширум планетата можат да ја искористат можноста да дадат предлози за да најдат решение за овој глобален проблем што е можно поскоро.
Светскиот ден на храната се слави секој 16 октомври од 1979 година, кога е воспоставен. На овој ден, повеќе од 150 земји се обединуваат во единствена борба за подигање на свеста за проблемите на сиромаштијата и гладот.
Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) оваа година организира активности за да го привлече вниманието на јавноста кон проблемите во системите за храна, но и да им овозможи на сите да се приклучат во решавањето на проблемот.
Без разлика дали некој има 5 или 105 години, може да стане „Херој на храната“ и да учествува на конкурсот за најдобра фотографија што илустрира едно од четирите можни подобрувања: подобра продукција, подобра исхрана, подобра средина или подобар живот во руралните области. Натпреварот FAOphoto за Светскиот ден на храната ги повикува сите да ја користат моќта на фотографијата и да ја покажат моменталната состојба на нашите системи за храна или да презентираат идеи за подобрување на системот во иднина. Крајниот рок за поднесување фотографии е 24 октомври 2021 година, на полноќ.
Фото: Unsplash