81-ГОДИШНА НЕГОТИНКА ОСТАНАЛА БЕЗ 5.000 ЕВРА Лажни доктори имале уште 10 обиди за измама

Со лажни приказни за итни операции, осомничените измамиле 81-годишна жена и се обиделе да извлечат пари од уште десет лица.

0

Двајца мажи се осомничени дека измамиле 81-годишна жена од Неготино за околу 5.000 евра, а се обиделе да измамат уште десет повозрасни лица со истата шема. Полицијата ги открила по серија телефонски повици во кои жртвите биле убедувани дека нивни блиски итно имаат потреба од операција.

Од ОВР Неготино информираат дека кривична пријава е поднесена против К.Н. (29) од Велес и Г.М. (54) со престој во Скопје. Според истрагата, тие биле дел од шема во која лице од странство им се јавувало на постари граѓани и им кажувало дека нивни роднини доживеале несреќа и дека се потребни пари за итна операција.






Осомничените имале задача да ги подигнат парите од жртвите, по што средствата биле пренесувани до лице во Софија. На овој начин успеале да измамат 81-годишна неготинка за 314.600 денари.

Полицијата го уапсила помладиот осомничен на 19 февруари, а во разговор со инспекторите тој ги признал настаните. Два дена подоцна, вториот осомничен бил приведен на Граничен премин Деве Баир, каде кај него биле пронајдени 4.400 евра. Дополнително, кај неговата сопруга, која била со него во возилото, биле најдени уште 4.350 евра, кои биле одземени.

Истрагата продолжува, а полицијата повторно апелира граѓаните, особено повозрасните, да бидат внимателни на вакви телефонски измами.

Поврзани содржини