706 апликации за кофинансирани грантови за технолошки развој
Вкупниот буџет на јавниот повик изнесува 6.000.000 евра, односно 2.500.000 денари за микро претпријатија, до 5.000.000 денари за мали и до 10.000.000 денари за средни претпријатија.
Вкупно 706 домашни компании аплицираа на Јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст на Фондот за иновации и технолошки развој кој беше затворен денес. Ова е рекорден број на доставени апликации во рамките на било кој досегашен јавен повик кој го спроведува ФИТР.
Вкупниот буџет на јавниот повик изнесува 6.000.000 евра, односно 2.500.000 денари за микро претпријатија, до 5.000.000 денари за мали и до 10.000.000 денари за средни претпријатија.
Преку овој повик, ФИТР обезбедува 70% од буџетот на проектот за микро или мало претпријатие и 60% за средни претпријатија.
За компаниите кои аплицирале, следи процес на примарна селекција на предлог проектите, во која оценувањето ќе го вршат домашни стручни лица од 22 области на експертиза.
Од ФИТР велат дека предност при оценувањето на предлог проектите ќе имаат компаниите кои имаат жени управители и доаѓаат од различни региони, со цел да се поттикне рамномерниот регинален развој како и женското претприемништво.
Во втората фаза проектите ќе ги разгледува Комитетот за одобрување инвестиции (КОИ), независно тело составено од петмина меѓународни експерти. На нивно барање опционално е предвиден и пичинг (јавна презентација) на предлог-проектите. За селектираната листа на предлог-проекти, тимот на ФИТР ќе врши административна проверка, односно дали апликациската документација е потполна. Потоа следува донесување на финална одлука од страна на Комитетот за одобрување инвестиции, според дефинираните критериуми.
Главната цел на овој инструмент на ФИТР е да се поддржат домашните компании да создадат услови за надминување на последиците од економската криза, да остварат забрзан раст, да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари преку воведување на нови, иновативни, напредни, „зелени“ и дигитални технологии за нивна трансформација.