56 КИЛОГРАМИ НЕЕВИДЕНТИРАНА МАРИХУАНА ВО СВЕТИ НИКОЛЕ Фирма го криела канабисот во сеф, дел од него бил веќе запален
Полицијата информира дека е поднела кривична пријава против правно лице од Свети Николе, како и против одговорното лице во компанијата.
Полицијата при контрола во една компанија од Свети Николе откри огромни количини на неевидентирана марихуана и докази за сокривање траги.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, Надворешната канцеларија за криминалистички работи од Свети Николе поднела кривична пријава против правно лице од градот, како и против одговорното лице во компанијата, Г.Л., поради основано сомнение за сторени кривични дела поврзани со контрола на опојни дроги и психотропни супстанции.
– Во координирана акција со полициски службеници од СВР Штип, Одделението за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи – Скопје и претставници од Министерството за здравство, во февруари годинава беше спроведена детална контрола во просториите на фирмата. Во сеф-собата беше пронајден вишок од 56 килограми сув цвет од канабис, кој не бил евидентиран, како што налага законската регулатива – велат од МВР.
Дополнително, до сефот била пронајдена ќеса со непријавена марихуана, а во една од халите откриен е делумно изгорен сув цвет, со нето маса од 254 грама.
– Одговорното лице требало уредно да пријави и евидентира секаков вишок, отстапување или промена во производството до надлежните институции, вклучително и Министерството за здравство и Министерството за земјоделство. Во случајов, тоа не било сторено – посочија од полицијата.
Случајот сега го презема обвинителството, а истрагата продолжува за да се утврди дали има и други поврзани лица или компании вмешани во случајот.