5 ГОДИНИ ТЕРАЛЕ БИЗНИС НА ЦРНО, СОЗДАЛЕ ДИВИ ДЕПОНИИ КАДЕ ШТО ИЗБИЈА ПОЖАРИ Обвинителството истражува 3 лица поврзани со пожарот во Вардариште
Тројцата обвинети, на улицата Зендел Џемаил во Скопје, од 2020 година до 02.09.2025 година вршеле дејност, откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови, отпади, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење дејност за управување со отпад, соопшти Обвинителството.
Три лица со години правеле бизнис на црно со старо железо, стари акумулатори и други недозволени типови отпад, се открива во Јавното обвинителство (ЈО) во соопштение до јавноста. Обвинителството вели дека ја завршило истрагата за овие лица за кои е побарано продолжување на мерката притвор и истовремено ги истражува случаите со пожарите во депонијата Вардариште и во регионалната депонија Дрисла во Скопје за кои се очекува одлука од обвинител.
„Тројцата обвинети, на улицата Зендел Џемаил во Скопје, од 2020 година до 02.09.2025 година вршеле дејност, откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови, отпади, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење дејност за управување со отпад“, се вели во соопштението на ЈО.
Обвинителството вели дека се пронајдени докази дека е нелегално и непрописно носен и фрлан отпад со што се создале диви депонии кои се констатните при настанувањето на пожарот во Вардариште.
„Тие подолг временски период, спротивно на законските одредби од Законот за управување со отпад и спротивно на прописите за заштита на животната средина, складирале поголемо количество отпадно железо, електронски отпад, делови од стари автомобили, шасии од стари отпадни возила и друго на локација за која немале соодветна дозвола за управување со отпад.
На 9 јули, на таа локација беше предизвикан неконтролиран пожар на целата маса од складираниот отпаден материјал, а поради обемот и опасноста пожарот не можеше веднаш да биде ставен под контрола. При согорувањето на отпадниот материјал беа испуштени чад, пепел и штетни гасови во амбиенталниот воздух и беше предизвикана опасност за животот и здравјето на луѓето од поголеми размери“, соопшти Обвинителството.
Обвинителствотo вели и дека за настанатиот пожар на депонијата „Дрисла“ до овој момент до ОЈО не е поднесено известување или кривична пријава од надлежните органи. Сепак, се вели во текстот, обвинителството ја следи состојбата и доколку утврди дека со кривично-правни дејствија била загрозена животната средина, ОЈО Скопје веднаш ќе постапи.
„Во врска со причините за настанување на пожарот на Вардариште, ОЈО Скопје издава и повеќе наредби со цел откривање на други сторители на кривични дела. По наредба на Основното јавно обвинителство Скопје во финална фаза се и вештачењата во однос на сомненијата за загрозување на животната средина со отпадни материи во постапката која се води против сопственичката и неформалниот сопственик на правно лице од Шуто Оризари“, информира Обвинителството откривајќи дека се анализираат вештачењата во корелација со други прибрани докази.