400 ДЕНАРИ ЗА ЕДНИ, 1.400 ЗА ДРУГИ, ДОСТА Е! Ѓорѓиевски најавува крај на повластените цени за паркинг
Градоначалникот на Скопје најави укинување на повластените цени за паркинг и воведување зонско паркирање, нагласувајќи дека нема да има поскапување, туку еднаков третман за сите.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека не е планирано зголемување на цените за паркирање во главниот град, нагласувајќи дека фокусот на градските власти е воспоставување ред и еднаков третман за сите граѓани.
На денешната прес-конференција, Ѓорѓиевски одговори на новинарско прашање поврзано со цените на паркингот и повластените услови за одредени институции и вработени.
– Има институции што плаќаат по повластени цени за паркинг, меѓу кои и вработени во Град Скопје, тоа нема да продолжи. Таква работа нема да има. Вработените овде земаат плата и тие се исти како сите останати граѓани во Скопје. Ќе си плаќаат колку што е утврдено – истакна Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека е недозволиво дел од корисниците да плаќаат значително пониски суми за месечна карта, додека останатите граѓани плаќаат повисока цена.
– Не може некој да плаќа 400 денари, а друг 1.400 денари за месечна карта. Секој ќе си плаќа ист износ. Тука толеранција нема да има. Но, тоа не значи зголемување на цените, туку воспоставување ред – нагласи градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави и дека во план е воведување зонско паркирање на повеќе локации низ градот, со цел подобра организација на сообраќајот и поефикасно користење на паркинг-просторот.