Регулаторната комисија за енергетика објави дека в понеделник ќе се одржи јавна трибина на која ќе бидат презентирани заклучоците од анализите на предложената реформа на тарифниот систем за електрична енергија, подготвени од Факултетот за електротехника и информациски технологии и Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
„Главната цел на воведување на скалестото тарифирање е да се формираат блок тарифи што ќе стимулираат намалување на потрошувачката на електрична енергија во текот на високата дневна тарифа, а ќе стимулираат поголема потрошувачка во ноќната ниска тарифа, и со тоа да се обезбеди заштита на домаќинствата чија потрошувачка е во рамки на просечната потрошувачка во државата“, соопштуваат од Регулаторната комисија.
Од таму додаваат дека со ваквиот начин на тарифирање ќе се обезбеди фер пристап, односно оние кои што трошат значително поголеми количини на електрична енергија од просечната потрошувачка, ќе плаќаат и повисока цена за истите. Блок тарифите ќе се применуваат само во периодите на високи дневни оптоварувања од 07 до 22 часот, додека во периодите во ниски дневни оптоварувања 22 до 07 и во недела ќе се применува иста цена.
„Првите симулации на плаќање според новиот тарифник велат дека домаќинство што троши по околу 1 000 киловатчасови електрична енергија во скапа тарифа, ќе плаќа околу 40 проценти повисока сметка за струја отколку во моментов. Домаќинствата, пак, што трошат помалку од 500 киловатчасови месечно во висока тарифа, би требало да имаат исти или помали сметки за струја. Конечните гранични вредности меѓу тарифните модели, можат да претрпат измени“, наведуваат од Регулаторна.