4.500 ТОНИ ОТПАД СОБРАНИ ЗА 72 ЧАСА, 40 КАЗНИ И 70 ОПОМЕНИ ВО СКОПЈЕ Совесните ќе бидат наградувани, казни за несовесните, вели Ѓорѓиевски
Казнети се и физички и правни лица. Во следниот период ќе се направи сериозна анализа за секој правен субјект да добие соодветен контејнер од јавното комунално претпријатие. Нека не ни замерат. Тоа било пропуст од минатото. Тоа е отежнување за сите, дури и за домаќинствата. Сериозни фирми и правни субјекти немале пристап до контејнери. Но, не смееме заради 2 или 3 проценти несовесни граѓани сите да страдаме. Оние кои се совесни ќе бидат наградувани, несовесните повторно ќе бидат казнети, дециден е новиот градоначалник на Скопје.
Повеќе од четири ипол илјади тони отпад биле собрани во акцијата за чистење на Скопје што ја започна новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски веднаш по преземањето на функцијата. Во операцијата, која траела 72 часа, учествувале повеќе од две ипол илјади работници.
– Освен што беа исчистени сите микролокации со контејнерите, го расчистивме и речното корито на Вардар, кој по долго време повторно тече нормално. Плоштадот „Македонија“ и кејот се целосно третирани, како и Градскиот парк, Жена парк и сите други места што беа срам за градот. Нема да дозволам повторно да ја гледаме грдата слика на валкано Скопје – изјави Ѓорѓиевски.
Акцијата не завршила само со чистење. Според градоначалникот, биле изречени над 40 казни и 70 опомени за физички и правни лица кои неправилно го одлагале отпадот.
– Казнети се и физички и правни лица. Во следниот период ќе се направи сериозна анализа за секој правен субјект да добие соодветен контејнер од јавното комунално претпријатие. Нека не ни замерат. Тоа било пропуст од минатото. Тоа е отежнување за сите, дури и за домаќинствата. Сериозни фирми и правни субјекти немале пристап до контејнери. Но, не смееме поради 2 или 3 проценти несовесни граѓани сите да страдаме. Оние кои се совесни ќе бидат наградувани, несовесните повторно ќе бидат казнети – дециден беше Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски најави дека казните ќе продолжат и во следниот период за сите што ќе ја нарушуваат јавната хигиена. Притоа истакна дека приоритет му е да го одржи Скопје чисто и достојно, како што му доликува на главниот град.
– Ќе спроведуваме акции за расчистување на кабаст отпад, тие ќе станат редовни. Граѓаните ќе можат да се обратат до службите и веднаш ќе се интервенира. Собирањето на кабаст отпад беше дел од и оваа акција, што беше дополнително отежнување. Замолувам на свесност за правилно одлагање отпад – вели новиот градоначалник на Скопје.