39 ПОЛИЦАЈЦИ НЕ ПОСТАПИЛЕ ЗАКОНСКИ ПО ПРИЈАВИТЕ ДЕКА СТОЈАНЧЕ ЈА ТЕПА ИВАНА Со нив ќе се занимава специјализиран обвинител за гонење лица со полициски овластувања
Внатрешната контрола на МВР утврди дека 39 припадници на МВР погрешно постапиле по пријавите дека Стојанче ја тепа и ја малтретира сопругата Ивана и информацијата ја достави до Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција вчера го добило известувањето од Министерството за внатрешни работи, дека 39 полицајци погрешно постапиле во случаите во кои Стојанче Јовановски бил пријавуван за семејно насилство врз својата сопруга Ивана Јовановска, која на 2 март се фрли од 6. кат од терасата на семејниот стан, а со себе во смрт ја однесе и нивната 6-годишна ќерка Катја.
Од ОЈО ГОКК информираат дека известувањето од МВР е дадено на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.
Внатрешната контрола на МВР утврди дека 39 припадници на МВР погрешно постапиле по пријавите дека Стојанче ја тепа и ја малтретира сопругата Ивана.
По трагедијата во јавноста излегоа информации дека Јовановски многу пати бил пријавуван од својата сопруга и од нејзини блиски дека тој е насилен и агресивен кон неа, а пријавувале и соседите од зградата каде живееше ова семејство.
Еден пример е нападот од Стојанче врз Ивана на 19 декември 2025 година, кога ја тепал пред детето во населбата Ѓорче Петров, а насилството го сведочила и го пријавила скопјанката Ивана Белчева. Но, на МВР му требале 45 дена да испрати известување до Центарот за социјални работи Скопје дека имало кривично дело Прекршок на јавниот ред и мир. Семејното насилство најверојатно не го регистрирале, иако можеле да го заведат делото и под Загрозување на сигурноста, што се гони по службена должност.
Потоа, на 19 јануари 2026 година Ивана била хоспитализирана на Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје, а Стојанче дошол со Катја да ја посети. При посетата ја тепал и ја навредувал, па ја турнал Ивана по скалите. Катја сето ова го видела. Внатрешната контрола на МВР утврди дека има пропусти во работењето на полицајците и во овој случај.
Трет пример на непостапување е кога Стојанче ја тепал Ивана зад Кривичниот суд, на кобниот ден кога Ивана се фрли од зградата. Полицајци дошле по пријавата за насилство и кога Ивана им рекла дека ја повлекува пријавата, тие не ги презеле законски предвидените мерки. Имено, согласно последните измени на Кривичниот законик, пријава за семејно насилство се гони по службена должност, без разлика дали жртвата ќе ја повлече пријавата или не.
Стојанче Јовановски е обвинет за три кривични дела, меѓу кои и наведување на сопругата Ивана да изврши самоубиство. Тој вчера на првото рочиште во Кривичниот суд ги призна двете кривични дела Телесна повреда и Загрозување на сигурноста, но не и делото Наведување и помагање при самоубиство. Судијата Ивица Стефановски не му го прифати признанието, затоа што Јовановски рече дека го дава под закана, односно на тоа го присилил неговиот пријател Мартин Саздов.
Саздов е сведок на тепањето пред самоубиството и е сведок во судскиот процес против Стојанче.