„360 Степени“: Рашковски се фалел со својот изум на Фејсбук, а потоа си го купил со државни пари
Станува збор за систем за биометриска идентификација, а самата набавка во многу нешта наликува на патентот што Рашковски самиот го регистрирал уште во 2013 година, како иноватор.
Обвинителството за гонење организиран криминал од неодамна отвори нова истрага за спорен тендер преку кој поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, од иноваторот Драги Рашковски купил софтвер и опрема во вредност од 105.000 евра, објави „360 Степени“.
Станува збор за систем за биометриска идентификација, а самата набавка во многу нешта наликува на патентот што Рашковски самиот го регистрирал уште во 2013 година, како иноватор.
Впрочем, Рашковски во 2013 година самиот се фалел на социјалните мрежи за својот најнов патент – систем и уреди за електронско гласање и собирање податоци. На својата Фејсбук страница, еден ден по изборите во декември 2016 година, Рашковски објавил фотографија од гласачка кабина, под која напишал: „На денот кога и после 24 часа не можеме да ги преброиме гласовите, ми претставува задоволство да ви ја претставам новата гласачка кабина“.
Две години претходно, ТВ Телма го снимала Рашковски во емисијата „Луѓе и места“, каде тој во детали зборува за истиот изум.
– Ние и нашите идентификација ја вршиме со некаква биометриска исправа кога одиме на традиционално гласање. Наместо да го вршиме тоа со таков документ сега го вршиме со директно, односно непосредно, односно нашиот биометриски отисок и оставаме отисок од прст. Откога ќе оставиме отисок од прст, копчето каде што пишува најави се, се променува и станува друга боја. И вршиме двојно, односно кумулативно идентификување. И со отисок од прст и со картица – вели Рашковски во 2014 година.
Во тој период, Рашковски бил професор на Правниот факултет, но три години подоцна, пак, тој станува генерален секретар на Владата. Па така, во јануари 2019 година, Рашковски распишал оглас за набавка на систем за биометриска идентификација, но тендерот пропаднал затоа што никој не се пријавил. Но, еден месец подоцна, тој распишал нов тендер за истата работа и стигнала понуда од само една фирма од Скопје. Во април истата година, Генералниот секретаријат склучил договор со таа компанија, а вредноста на договорот изнесувала 6.455.816 денари, сума која е наведена и во соопштението на ОЈО за новата истрага за Рашковски.
Според тендерската спецификација, дел од набавката многу наликува на она што Рашковски го презентирал како изумител. Описот јасно сугерира дека софтверот треба да опслужи број на корисници кој е приближно ист на бројот на гласачи, односно жители на земјата и дека треба да се стави во „кабина“.
Иако не е наведено во соопштението на Обвинителството, „360 Степени“ открива дека во базата на Бирото за јавни набавки Рашковски купил и Мобилни кабини за потребите на системот за биометриска идентификација. Тие чинеле дополнителни 875.088 денари. Според тендерската документација, апаратот е сличен на моделите кои Рашковски претходно ги презентирал.
Актуелниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири, во изјава за „360 Степени“ објаснува дека нема информација каде се наоѓа опремата.
– Јас како актуелен генерален секретар во моментов немам информација точна каде се наоѓа таа опрема. Сега сме во фаза, бидејќи Јавното обвинителство побара неколку, не само за една постапка туку за неколку постапки, сме во постапка на формирање на комисија и ќе направиме попис во генералниот секретаријат, односно во Владата, да видиме што има од опрема во нашите простории. Да утврдиме, секако јавноста и обвинителството сите ќе бидат запознаени во однос на тоа – вели Зекири.