30 ЛУЃЕ ОТИШЛЕ ВО ПЕНЗИЈА, САМО 1 НОВ Е ВРАБОТЕН ВО МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНИЈА Културните институции прописно тонат

Министерот Љутков денеска ја посети Националната установа Библиотеката „Св. Климент Охридски“, при што најави дека дека следната година ќе бидат одобрени средства за реновирање на третиот и на петтиот блок. Тој најави и санација на фасадата, како и отворање на новиот дел од зградата, каде се планира да биде отворена мултимедијална читална.

2,694

Ниту една национална установа од културата не е осигурана. Со ребалансот обезбедивме буџет да ги осигураме и во тек е постапката за јавната набавка, изјави министерот за култура и туризам Зоран Љутков, обвинувајќи дека поради недомаќинското работење на претходната власт бил предвиден буџет само до јули.

– Се соочивме со тоа да ни фалат 248 милиони денари само за плати за до крајот на годината – рече Љутков и додаде дека со тие пари до крајот на годинава ќе се изградел новиот Турски театар.






– Тие работеле недомаќински и не предвидувале средства, не платиле 5 милиони денари за COBISS – Софтвер за библиотечно-информацискиот систем на Република Македонија. Не ги предвиделе. Тоа со ребалансот моравме да го обезбедиме. Немаат платено осигурување за националните установи и ред други работи што ми е непријатно да кажам во каква ситуација се оставени националните институции. Сѐ е оставено на забот на времето. Мора во овој мандат да ги завршиме сите објекти во делот на културата коишто се почнати и мора да реновираме дел од институциите коишто се во катастрофална состојба како што е НУБ „Св. Климент Охридски“ – изјави Љутков.

Тој објасни дека ако некој проект е направен во 2015 сега мора и во сценската технологија да се направи измена бидејќи била предвидена веќе застарена технологија.

Министерот Љутков денеска ја посети Националната установа Библиотеката „Св. Климент Охридски“, при што најави дека дека следната година ќе бидат одобрени средства за реновирање на третиот и на петтиот блок. Тој најави и санација на фасадата, како и отворање на новиот дел од зградата, каде се планира да биде отворена мултимедијална читална. Новиот објект бил отворен во 2008 година, функционирал до 2016 година и од тогаш е затворен и нефункционален.

Проблем во Библиотеката се и депоата кои се полни со книги издадени од 2008 до 2016 година. Затоа ќе се направи попис и ќе се утврди каде ќе бидат распределени тие книги.

– Станува збор за книги со врвен квалитет, врвни наслови. Ќе направиме попис и како Министерство за култура ќе пратиме информација до Влада да видиме каде да ги распределиме и каде ќе бидат најпотребни тие книги – дали во книжарниците, библиотеките, дали по министерствата ќе се користат како подароци, но во секој случај да ги искористиме и да ги исчистиме депоата – додаде Љутков.

НУБ „Св. Климент Охридски“ оваа година ќе одбележи 80 години од основањето. Библиотеката е основана со решение на АСНОМ на 23 ноември во 1944 година.

– Во потрага сме по овој документ. Направивме обиди да контактираме со Архивот и со Институтот за национална историја за да го обезбедиме тој документ. Имаме дел од документацијата каде што Шоп Трајанов се именува за прв директор, со потпис од тогашниот Президиум од Ченто. Меѓутоа, тој ден е заборавен во оваа библиотека. Значи, 23 ноември тука не се одбележува – рече в.д. директорот Јовица Никчевски, најавувајќи дека годинава ќе биде одбележан овој ден.

Во изминатите 7 години се отворени најмал број работни места во културата. Министерот посочи дека целиот стручен кадар поради неможноста да се вработи и немањето конкурси за вработување бегал и е излезен надвор од земјата.

Тој најави дека ќе се направи анализа до 2025 година да се види што недостасува и да бидат отворени работни позиции.

– Правиме функционална анализа на сите позиции што ги имаме по националните установи, што е она што ни е најнеопходно за вработување. Затоа и ги прекинавме конкурсите во 2024 година со одлука на Влада бидејќи навистина се бараат работни позиции што воопшто не ни се потребни – изјави Љутков.

Тој додаде дека во Музејот на Македонија во последните три години 30 луѓе заминале во пензија, а вработен бил само еден човек.

Во однос на Ансамблот на албански ора и песни, каде 34 уметници останаа без работа, Љутков појасни дека од првиот ден како министер се соочил со прашањето за решавање на статусот на околу 160 уметници на кои им истекува договорот во август, но дека не добил информација дека на овие 34 им е истечен еден месец порано. Се работи на законско решение да биде распишан конкурс за нивно повторно вработување.

 

 

Поврзани содржини