3,4 МИЛИОНИ ЕВРА ПОДДРШКА ОД ГЕРМАНИЈА 29 членки на Комората ќе добијат грантови за дуално образование

Грантот од околу 3,4 милиони евра е наменет за да се продолжи дуалниот модел на образование во 7 стручни училишта и на 1 факултет, за финансирање на инвестиции во опрема и инфраструктура за воведување на дуалното образование и за реализација на практичната обука.

2,613

29 фирми-членки на Стопанската комора на Северна Македонија, преку Коморскиот инвестициски форум, во кој ко-претседатвач е претседателот Бранко Азески, ќе добијат грант од околу 3,4 милиони евра со што ќе го продолжат дуалниот модел на образование со 7 стручни училишта и 1 факултет, за финансирање на инвестиции во опрема и инфраструктура за воведување на дуалното образование и реализација на практичната обука, со цел поголема вработливост на младите и обезбедување обучен и квалификуван кадар подготвен за работните процеси.






Комората е свесна дека на ваков начин компаниите создаваат потенцијал за вработување квалификуван кадар, обучен за технологијата, машините и опремата што ги поседуваат и кој знае да ракува со нив. Тоа им овозможува да ги планираат идните инвестиции знаејќи дека имаат потенцијален кадар кој знае како да работи, а со тоа ги намалуваат и трошоците за дополнителна обука за нововработениот кадар.
Со тоа заложбата и напорите што ги прави Стопанската комора на Северна Македонија за воведување на дуалното образование како најефикасен модел за подготовка на соодветен стручен кадар според потребите на компаниите и реализација на практичната обука на учениците и студентите во компаниите станува реалност, а финансиската поддршка овозможи повеќе компании да се вклучат во практичната обука и дуалното образование.

Средствата за грантот се обезбедени од германското Федерално министерство за економска соработка и развој, а се реализираат преку Германската развојна банка (KfW) и Регионалниот фонд за предизвици како уникатен инструмент за финансирањe.

Фондот се спроведува преку Коморскиот инвестициски форум на 6-те земјите на Западен Балкан, кој претставува значајна институција за економската регионална соработка, унапредување на бизнис климата во економиите на Западен Балкан, создавање на заеднички пазар, заеднички извоз и унапредување на конкурентноста во регионот, чија членка е и Стопанската комора на Северна Македонија.

Регионалниот фонд располага со 20 милиони евра во форма на грантови за сите 6 земји. Секој грант поддржува од 150.000 до 600.000 евра, средства инвестирани во инфраструктура и набавка на машини и опрема, како и изградба или реновирање на работилници и лаборатории во стручните училишта за реализација на практичната обука. Средствата ги добија конзорциуми составени од едно средно училишта и 2 или повеќе компании кои аплицираа на првиот повик со образовни програми за одредени квалификации според потребите на компаниите.

На првиот повик учествуваа вкупно 207 апликанти од шесте земји на Западен Балкан, а од нив 37 конзорциуми се предложени за финансирање. Од нашата земја учествуваа вкупно 30 апликанти, а од нив 8 конзорциуми со своите проекти се предложени за финансирање со приближно 3,4 милиони евра.

Поврзани содржини