24 ЧАСОВЕН ЛОВ НА НЕОДГОВОРНИ ВОЗАЧИ Сите радари се на терен, полицијата ве следи на секое ќоше

Во тек е 24-часовна контрола на брзината на патиштата ширум земјата – МВР апелира: Возете одговорно, во прашање се човечки животи.

419

Македонската полиција од ноќеска на полноќ спроведува интензивна 24-часовна акција за мерење на брзината на сите патишта низ државата, како дел од европската иницијатива на РОАДПОЛ. Акцијата се одвива паралелно со контролите што денес се спроведуваат во сите земји-членки на европската мрежа на сообраќајни полиции.

„Сите расположливи уреди за мерење брзина се ставени во функција. Контролните точки се распределени низ целата држава – од автопатиштата до локалните патишта. Акцијата ќе трае од 00:00 до 24:00 часот, без прекин,“ информираат од Министерството за внатрешни работи.






Од МВР велат дека ова е дел од континуираните напори за зголемување на безбедноста во сообраќајот и спречување на најчестите прекршоци што предизвикуваат несреќи со трагични последици.

„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да бидат максимално внимателни и совесни. Почитувањето на правилата може да спаси животи. Да не дозволиме непочитување на ограничувањето на брзината да стане причина за трагедија. Да бидеме одговорни – за себе, за семејствата, за другите учесници во сообраќајот“, порачуваат од Министерството.

Инаку на подрачјето на осумте Сектори за внатрешни работи, во рамки на интензивните сообраќајни контроли, полицијата на 08.04 издаде 895 платни налози. Контролите беа спроведени согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила, а санкциите се однесуваат на различни сообраќајни прекршоци.

Непрописното паркирање и непочитувањето на брзината се најчестите прекршоци, со вкупно 299 и 273 случаи, редом. Потоа следат прекршоците за непоседување на возачка дозвола (67), некористење на сигурносен појас (54), користење на мобилен телефон при возење (21), и 11 прекршоци направени од пешаци.

Во рамки на контролите, полицијата забележала девет случаи на минување на црвено светло, 12 возачи кои управувале возила под дејство на алкохол, како и 17 нерегистрирани и седум технички неисправни возила.

Сообраќајните контроли продолжуваат, а апелот до граѓаните е да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за да се зголеми безбедноста на патиштата.

 

Поврзани содржини