22 ДЕНА ПО СМРТТА ПОГРЕБАНИ СЕ СЕСТРИТЕ КЕСЛЕР Последната желба на близначките не можела да биде исполнета
Во својот тестамент, сестрите Кеслер навеле дека нивната пепел ќе почива заедно со пепелта на нивното сакано куче Јела во една урна - обединети за вечноста, исто како што биле во животот. Но, германскиот закон за погреби не прави исклучоци, дури ни за најголемата љубов.
На 17 ноември, Алис и Елен Кеслер го напуштија овој свет заедно во нивната вила во Гринвалд во близина на Минхен. Легендарните близначки одлучија да извршат асистирано самоубиство, држејќи се за раце, како што правеа целиот свој живот.
22 дена подоцна, светски познатите танчерки биле погребани на гробиштата во шумата Гринвалд. Како што објавува Билд, церемонијата била тивка – дури ни нивните најблиски пријатели не биле таму.
Поранешните ѕвезди претходно внимателно го испланирале своето заедничко збогување.
Кога наутро на 17 ноември засекогаш ги затвориле очите, биле присутни само лекар и адвокат. Во деновите пред тоа, тие ги завршувале своите последни работи: откажувале претплати, испраќале мали сувенири до блиски и доверливи луѓе.
– Не бидете тажни. Ќе се видиме повторно на седмото небо – напишале неразделните сестри во прошталните писма до своите најблиски пријатели – објавува Билд.
Сепак, нивната најголема желба не можела да се исполни.
Во својот тестамент, сестрите Кеслер навеле дека нивната пепел ќе почива заедно со пепелта на нивното сакано куче Јела во една урна – обединети за вечноста, исто како што биле во животот.
Но, германскиот закон за погреби не прави исклучоци, дури ни за најголемата љубов.
– Мешањето или комбинирањето на пепелта на неколку починати лица во урна е генерално забрането – изјавил за „Еуроњуз“ Антје Биспинг, адвокатка на Федералната асоцијација на германски погребници.
Сепак, заедничко погребување во ист гроб со посебни урни може да се дозволи, освен ако прописите на гробиштата и државниот закон не го забрануваат тоа.
Многу гробишта дозволуваат повеќе урни во еден гроб, па така, близначките Кеслер можеле да го најдат своето последно почивалиште заедно – само не во истата урна.
Наместо тоа, Алис и Елен биле погребани во посебни урни во гробот на нивната мајка Елза, која починала во 1977 година.
Погребувањето со нивното сакано куче Јела било исто така комплицирано: во некои федерални држави како Хамбург или Бремен, можно е да се сподели гроб со животно – но само со посебни урни по одделни кремации.
Според „Еуроњуз“, оваа желба на неразделните сестри останува неостварена.