21 општина и Град Скопје во конкуренција за 7.000.000 евра за изградба на патишта

Рокот за доставување на понудите е до 8 април годинава, по што ќе се изберат најповолните понудувачи.

456

Министерството за транспорт и врски го објави вториот повик за подобрување на инфраструктурата на локалните патишта во 21 општина и Градот Скопје во проценета вредност од околу 7.000.000 евра. Рокот за доставување на понудите е до 8 април годинава, по што ќе се изберат најповолните понудувачи.

Проектот за реконструкција и санација на локалните улици и патишта низ општините во земјава е вреден 70.000.000 евра, средства кои директно се вбризгуваат во општините во вид на грант со што се овозможува нивно развивање и подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните. Неодамна се склучени договорите за првата фаза од првиот тендер во рамки на овој ист проект и до крајот на месецов почнува реконструкцијата на сите 27 улици од правата фаза во 17 општини за што ќе се инвестираат 4,4 милиони евра.






– Со вториот јавен повик се опфатени 35 улици и патишта во 21 општина и Градот Скопје со вкупна должина од 35,5 километри и проценета вредност од околу седум милиони евра за кои до Министерството за транспорт и врски е доставена комплетна техничка документација – изјави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

 

Предвидено е да се реконструираат, како што посочи тој, по една улица во Крива Паланка, Богданци, Гевгелија, Неготино, Кривогаштани, Крушево, Охрид, Дебрца, Маврово Ростуше, Конче и Чешиново Облешево, по две во Кавадарци, Македонска Каменица, Кочани, Штип и Шуто Оризари, три во Кичево, Делчево и Василево и четири улици во Демир Капија. Во Град Скопје е предвидено да се изврши првата фаза од реконструкцијата на булеварот „Киро Глигоров“ на потегот од мостот близнак до надвозникот на булевар „Александар Македонски“ во Општина Гази Баба.

– Очекувам дека ќе имаме успешен повик согласно правилата на Светска банка и ќе избереме најповолни понудувачи, кои во оваа градежна сезона активно ќе работат на реконструкција на овие улици за кои до Министерството за транспорт и врски е доставеа комплетна техничка документација – потенцира Бочварски и додаде дека според овие критериуми на секоја општина на располагање и стојат од 500 илјади евра до два милиони евра.

Во првиот и во вториот повик се инвестирани над 11 милиони евра за реконструкција на 62 улици во општините со вкупна должина од 60 километри, а веќе се работи и на третиот тендер од овој проект.

 

 

Поврзани содржини