21 МИЛИЈАРДА ЗА УКРАИНА И ПОРАКА ЗА ПУТИН Одобрена е помош по министерскиот состанок во Брисел
Испраќаме сигнал до Путин и Украина дека ќе бидеме со Киев во војна и во мир, рече министерот за одбрана на Велика Британија во седиштето на НАТО во Брисел.
Украина ќе добие дополнителна воена помош во вредност од 21 милијарда евра, објавија денеска министрите за одбрана на Велика Британија и Германија, Џон Хили и Борис Писториус на заедничката прес-конференција во НАТО со нивниот украински колега Рустем Умеров по состанокот на министрите за одбрана на 31 земја на Алијансата.
– Постигнавме голем напредок, тоа ќе се одрази на бојното поле оваа година. Украина треба да може да се одбрани за преговорите да доведат до траен и праведен мир – рече Писториус.
Тој предвидува дека мирот не е на повидок во блиска иднина. Објасни дека некои од учесниците поради други обврски на денешната средба се вклучиле преку видео конференција, како што е американскиот секретар за одбрана.
Според Хили, рускиот претседател Владимир Путин тврди дека сака мир, но ги одложува преговорите и продолжува со гранатирање цели во Украина.
– Испраќаме сигнал до Путин и Украина дека ќе бидеме со Киев во војна и во мир – рече Хили.
Умеров претходно откри дека Германија ќе обезбеди 11 милијарди евра помош за Украина.
Велика Британија објави дека во заедничка иницијатива со Норвешка ќе одвои нешто повеќе од 580 милиони долари за набавка на стотици илјади воени беспилотни летала, радарски системи и противтенковски мини, како и за поправка и одржување на оклопните возила на Украина со цел да останат оперативни на фронтот, пренесуваат американските медиуми.
Украина од Холандија ќе добие систем за противвоздушна одбрана за пресретнување на дронови и крстосувачки ракети од Холандија.
Ракетниот систем „Хоук“, кој чини 150 милиони евра, би можел да ги надополни понапредните системи „Патриот“.