20 ПАЦИЕНТИ ЧЕКААТ ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА СРЦЕ Две деца од 14 години во потрага по бубрег
Листите се менливи, на нив постојано се додаваат пациенти или истите се бришат, во моментов за трансплантација на срце чекаат околу 20 пациенти, за бубрези околу 100 и околу 30 пациенти се потенцијални кандидати за трансплантација на црн дроб, велат од Министерството за здравство.
Во моментов за трансплантација на срце чекаат околу 20 пациенти, за бубрези околу 100 и околу 30 пациенти се потенцијални кандидати за трансплантација на црн дроб, со тоа што листата е сè уште во подготовка, известуваат од Министерството за здравство.
– Во Министерството за здравство се ажурираат Националната листа за трансплантација на бубрези, Националната листа за трансплантација на срце, а во подготовка е и Националната листа за трансплатација на црн дроб. Министерството има увиди и во Регистарот за трансплантација на коскени ткива. Листите се менливи, на нив постојано се додаваат пациенти или истите се бришат, согласно со протоколите за впишување на пациенти во Националниот регистар – велат од Министерството за здравство.
Оттаму велат дека не постои орган кој е „најпотребен“.
– Постои листа на пациенти кои чекаат орган и доколку има пациент во мозочна смрт кој ги исполнува критериумите за донирање, а притоа имаме и согласност од семејството, некој од тие пациенти согласно критериумите и медицинските индикации, ќе добие орган кој му треба – додаваат од Министерството.
Кај нас во моментов се работи на трансплантација на бубрег и на срце од починат донор, како и трансплантација на коскено ткиво, а во подготовка е да се започне и со трансплантација на црн дроб, а во иднина и на бели дробови.
Пред 2 месеци министерот Филипче на својот Фејсбук профил извести дека торакални хирурзи од нашата Клиника ќе бидат испратени на Клиниката AKХ Виена на Медицинскиот универзитет, каде ќе се обучуваат да трансплантираат бели дробови.
Во моментов на листите за трансплантција има две деца од 14 години кои чекаат за трансплантација на бубрег.
Изборот за тоа кој пациент ќе го прими органот се прави по медицински индикации. Најважно е дали органот на донорот одговара на реципиентот според крвна група, ХЛА типизација, големина на органот, старост и според други медицински параметри.
– Мечирањето го прави посебен софтвер кој ги дава најповолните кандидати. Потоа лекарски колегиум го одобрува изборот и секако се зема предвид моменталната состојба на реципиентот, дали во моментот е позитивен на друг вирус, како корона, дали имал непосредно пред тоа некои други интервенции, во каква физичка состојба е и слично – велат од Министерството.
По трансплантациите, доколку семејствата сакаат јавно да кажат кои се и да остварат контакт, тоа може да се реализира, но сѐ до тогаш, Министерството за здравство е должно да ги штити податоците на донорот и на реципиентот согласно Законот за трансплантација.
– Во последно време свеста за донирање на органи е на високо ниво. Од почетокот на годинава се процесирани 8 пациенти со докажана мозочна смрт и добиена е согласност за 6 трансплантации. Ако се осврнеме наназад, веројатно најголем ипмакт направи семејството на Емилија Динева од Дојран, кои го донираа првото срце кое се трансплантираше на 24 април 2020 година – велат од ресорот.
Дарувањето органи и ткива е медицинска постапка што спасува и преобразува животи. Еден дарител на органи и на ткива може да им ги преобрази животите на 10 или повеќе луѓе.
Националниот координатор за трансплантација, Маја Мојсова, неодамна изјави дека нашиот закон е јасен и дека сите сме донори, доколку не се изјасниме спротивно во текот на животот и тоа писмено, кај нотар.
– Сепак, семејството го дава последниот збор и затоа, во суштина, треба многу да вложиме и во едукација, не само на медицинскиот кадар, туку и на граѓанството и на општеството што значи органодарителство по смртта. Не значи дека секој од нас ќе биде дарител, но доколку нешто ни се случи и притоа завршиме со мозочна смрт, добро е граѓаните да знаат за што станува збор – изјави Мојсова, додавајќи дека нема подобра кампања од тоа кога лично семејствата на тие што примаат и на тие што донираат би ја раскажале својата приказна.