2 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ВОЕНА ПОМОШ ОД ПАРИЗ ЗА КИЕВ Макрон очекува Москва да поддржи 30-дневно примирје

Русија ја покажа својата подготвеност да води војна и да продолжи со својата агресија. Ја чекаме посветеноста и договорот од Москва за 30-дневен прекин на огнот без предуслови, рече францускиот претседател на средба со украинскиот колега во Париз.

250

Франција ќе додели дополнителни две милијарди евра за воена поддршка на Украина. Ова вечерва го соопшти францускиот претседател Емануел Макрон, пренесоа светските агенции.

Тој рече дека новиот пакет помош за Украина вклучува противтенковски ракети, ракети земја-воздух и беспилотни летала.






Макрон имаше средба со својот украински колега Володимир Зеленски, кој денеска пристигна во Париз за да учествува на утрешниот самит организиран од францускиот лидер, посветен на темата Украина.

– Руската агресивност има многу директно влијание врз нашата безбедност во Европа. Ние сме во одлучувачка фаза да ставиме крај на агресијата. Го поздравувам претседателот Трамп и неговите напори за прекин на огнот – рече Макрон.

Тој додаде дека 30-дневниот прекин на нападите врз енергетската инфраструктура на Украина е „прв чекор“, пишува парискиот весник „Фигаро“.

– Русија ја покажа својата подготвеност да води војна и да продолжи со својата агресија. Ја чекаме посветеноста и договорот од Москва за 30-дневен прекин на огнот без предуслови – рече Макрон.

За време на заедничката прес-конференција во Париз, Зеленски ја пофали „непоколебливата поддршка на Париз за Украина“ и го нарече Макрон пријател.

– Нашата соработка станува сè поконкретна. Сакам да ги истакнам напорите на Франција да ја обезбеди нашата одбрана од руските напади. Ги видовме вашите борбени авиони Мираж во акција и тие станаа дел од нашиот воздушен штит против руските беспилотни летала – рече Зеленски.

Во договорот постигнат во Саудиска Арабија со американско посредство, Русија и Украина ветија дека ќе обезбедат безбедност на пловидбата во Црното Море, ќе ја елиминираат употребата на сила и ќе спречат употреба на комерцијални бродови за воени цели.

Поврзани содржини