Министерството за здравство во изминативе четири недели ја реализираше он-лајн тренинг програмата „Covid-19 Response Training“ наменета за сите здравствени работници од јавните здравствени установи во земјава. За само три недели близу 2.300 здравствени работници, медицински сестри и лекари, беа дел од интерактивните тренинзи кои се одвиваа он-лајн.
Тренингот е развиен од страна на Project HOPE заедно со Brown University од САД, и е базиран на препораките на Светската здравствена организација (СЗО) за справување со ширењето на болеста и заштитата на здравствените работници. Тој се спроведува во многу земји во светот погодени од кризата со ковид-19.
Идејата на тренингот беше здравствените работници да усвојат единствени заштити мерки за медицинскиот персонал и истовремено да се пружи адекватна нега во делот на превенција и ширење на инфекцијата и контрола на ситуацијата. Целта на едукацијата беше да се утврдат протоколи за стабилизација на болните и првична ресуситација, дијагноза и менаџмент на ситуацијата, скрининг и тријажа, како и утврдување на капацитетите на здравствениот систем и негов развој, соопшти Министерството.
Првично беше избрана група од 40 медицински лица, 20 лекари и 20 медицински сестри кои ја поминаа четиридневната он-лајн обука со обучувачи од Brown University од САД. Тие потоа направија обука на близу 2.300 здравствени работници од сите здравствени установи во земјава.
Во правата фаза он-лајн тренингот започна со клиниките од „Мајка Тереза“ каде близу 650 здравствени работници ги слушнаа предавањата и развија активна дискусија околу превенцијата и ширењето на инфекцијата со ковид-19. Во втората фаза беа опфатени Болницата „8 Септември“, Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, Специјалната болница Чаир, Психијатриските болници, Геријатриските центри, трите Клинички болници во Тетово, Битола и во Штип како и сите Општи болници во сите градови во земјава, потоа Здравствените домови, Институтите за јавно здравје и Специјалните болници. Преку катедарата за Семејна медицина беа организирани обуки на сите избрани лекари од примарното здравство, а преку студентската организација ЕМСА беа организирани предавања и за студентите по медицина. Тренингот заврши со дополнителна обука на Клниките во Клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ кои се најпогодени од новонастаната ситуација. Во овој комплекс 760 вработени го поминаат тренингот.