19-ГОДИШНИОТ БУРИМ ПО СЛОЖЕНАТА ОПЕРАЦИЈА МУ СЕ ВРАТИ НА СЕКОЈДНЕВНИОТ ЖИВОТ Уште еден успешен зафат на професорот Савески во „Аџибадем Систина“

825

Деветнаесетгодишниот Бурим Авзиу, ученик во IV година, во август годинава во тешка сообраќајна несреќа се стекнал со страшни повреди. Направена му била примарна дијагностика во здравствена установа во Косово, но докторите таму не се решиле на оперативен зафат. Неговите родители биле во паника и сакајќи да го најдат најдобриот тим за својот син, барале помош наоколу. По препорака на блиски роднини, го побарале проф. д-р Јордан Савески од Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

Проф. Савески го прекинал својот одмор заради итната операција на Бурим






Во периодот кога се случила сообраќајната несреќа, проф. Савески го користел својот летен одмор во Охрид. Не сакајќи да губи ни момент повеќе, таткото на младиот Бурим тргнал кон Охрид, за да стапи во контакт со проф. Савески. Вели дека биле избезумени и подготвени да направат сѐ за своето дете. Кога проф. Савески слушнал дека се работи за 19-годишен пациент, веднаш го прекинал својот одмор, го договорил својот тим и се вратил на работа.

– Кога ќе чуете дека се работи за толку млад човек, за кој ако веднаш не се реагира, може да има трајни последици, сѐ ставате во втор план. Пациентот е секогаш на прво место, а особено кога се работи за младо момче, кое допрва треба да создава и да ужива во животот. Решив да го прекинам својот одмор и веднаш да се вратам во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и итно да го оперираме ова момче – вели проф. Савески.

Комплексна фрактура на долниот крај на фемурот, отворени фрактури на двете патели, фрактура на талусот, дислокација на скочниот зглоб, фрактура на стренумот, фрактури на неколку ребра, хематоторакс со интрапулмонални хематоми, контузија на срцето со хемоперикард… се само дел од дијагнозите што го затекнале проф. Савески. Пациентот бил хоспитализиран во единицата за интензивно лекување, по мултидисциплинарната проценка и подготовка од торакален хирург, кардиолог и анестезиолог, пациентот е опериран во еден акт со еписпинална анестезија поради тешките повреди на белите дробови. По неколкучасовна интервенција, тимот бил задоволен од сработеното. Очекувањата биле надминати, а пациентот само неколку часа по операцијата се чувствувал добро.

Пациентот е испишан во стабилна состојба по 10-дневна хоспитализација, со препорака за хоспитализација во здравствена институција во матичната земја поради потреба од пролонгиран медицински надзор и интензивна физикална терапија.

И докторите во Швајцарија воодушевени од работата на Савески 

Бурим со авионски транспорт бил пренесен во Швајцарија, каде што продолжил со лекувањете. По спроведениот третман, докторите од клиниката во Швајцарија рекле дека се презадоволни од изведената операција и дека проф. Савески ги надминал нивните очекувања.

– Среќни сме што сега нема никакви последици, сите рани одлично зараснаа, без инфекции, и покрај големиот ризик. Тој се врати на секојдневните активности, функционира одлично. Бевме премногу исплашени за нашето дете, стануваше збор за многу страшни повреди – вели таткото на Бурим.

Двете нозе за среќа му останале со иста должина, зашто често при вакви интервенции, како што објаснуват докторите, се случува едната нога да е пократка. Сега стапалото мрда без никакви ограничувања, а колената се функционално одлични. Нема никакви последици, Бурим веќе се движи без помагала. Сите повреди на градниот кош, белите дробови, срцето се санирани без последици. Возраста на пациентот, кадровската и техничката опременост на болницата за третман на политрауматизирани пациенти, а пред сѐ, искуството на тимот си го направиле своето.

– Им благодарам на сите, презадоволни сме од проф. Савески и од целиот тим, ова е дефинитивно најдобрата болница во регионот. Бурим сега и за најмалите интервенции бара да му ги изведе проф. Савески и за секоја снимка вели дека се консултира со проф. Савески. Д-р Неда и проф. Савески се најдобиот тим, презадоволни сме што токму тие се грижеа за здравјето на нашето дете. Ова добро никогаш нема да им го заборавиме – вели задоволниот татко и додава:

„Сега со драго срце го препорачуваме проф. Савески на нашите роднини и пријатели, како што нас ни помогна, така сакаме и ние да им помогнеме на другите.“

Поврзани содржини