18-ГОДИШЕН МАКЕДОНЕЦ ПЛАНИРАЛ НАПАДИ ВО АВСТРИЈА Момчето било симпатизер на Исламска држава и барало на онлајн како се прави бомба
Австриската полиција спречи можен терористички напад, уапсен 18-годишник со македонско потекло поради сомнеж за поврзаност со Исламска Држава и изработка на експлозиви.
Австриската полиција уапси 18-годишен тинејџер со македонско потекло во градот Леобен, во сојузната покраина Штаерска, под сомнение дека подготвувал терористички напад. Осомничениот, според информациите објавени во медиумите, пребарувал инструкции за изработка на експлозивни направи и планирал напад врз институции.
Случајот предизвика големо внимание во австриската јавност, особено по потврдата од страна на полицијата дека младиот осомничен е симпатизер на терористичката организација Исламска Држава (ИД) и дека неговите намери биле сериозни и потенцијално опасни.
Полицијата добила информации за неговите активности преку надзор и интернет-трасинг, по што јавниот обвинител наредил итна акција за апсење. Тој бил уапсен во неделата, во близина на својот дом, веднаш по враќањето од патување во Македонија, каде што престојувал со своето семејство.
Иако 18-годишникот ги негирал обвинувањата дека имал намера да изврши напад, австриските власти потврдиле дека тој веќе бил познат на безбедносните служби од претходно.
Ова не е првпат млад човек со македонско потекло да биде вмешан во случај поврзан со тероризам во Австрија. Минатата година, 19-годишен Австриец со исто потекло беше уапсен поради планирање на напад за време на концертот на Тејлор Свифт.