АКО УШТЕ ЧЕКАМЕ ЗА ВО ЕУ, ЌЕ СТАНЕМЕ КАКО ТУРЦИЈА Пендаровски е загрижен дека расте евроскептицизмот во Македонија

Намалена е поддршката на граѓаните за членство во ЕУ, довербата опаѓа, а и во целина – нема добри вести во регионот околу проширувањето. Економската интеграција треба да оди паралелно со политичката. Доколку овие процеси се движат одвоено, како што постојат заложби, можно е да имаме извесен економски раст, но да бидеме управувани од автократи, изјави Претседателот на денешната амбасадорска тркалезна маса.

235

Македонија 17 години чека пред вратите на Европската Унија, а ако годинава не ги започнеме преговорите, тогаш ќе се приближиме до неславниот рекорд на Турција, која чека уште од 1999 година.

– Проширувањето во целина е де факто замрзнато неколку години наназад. Ако сме реални, треба да кажеме дека ЕУ сѐ уште, за жал, е свртена кон внатре и има дебати како треба да изгледа иднината на Европа. Добар дел од надворешната политика моментно е прекоупирана со кризата во Украина, но потребен е посебен ангажман на Западен Балкан – истакна претседателот на денешната амбасадорска тркалезна маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс“.






Расте антизападната реторика

Пендаровски е загрижен дека како што опаѓа поддршката на граѓаните на ЕУ, така расте антизападната реторика и земјата демократски назадува.

– Намалена е поддршката на граѓаните за членство во ЕУ, довербата опаѓа, а и во целина – нема добри вести во регионот околу проширувањето. Економската интеграција треба да оди паралелно со политичката. Доколку овие процеси се движат одвоено, како што постојат заложби, можно е да имаме извесен економски раст, но да бидеме управувани од автократи. Подлогата за тоа е поставена, антизападната реторика во медиумите во целиот регион е во неверојатен пораст и има тенденција да стане доминантна ако веќе не е, а и како регион назадуваме во демократијата – изјави тој.

ЕУ нема зошто да се плаши од Западен Балкан

Претседателот порача дека ЕУ нема ниту една рационална, стратешка или тактичка причина да се плаши од влегувањето на Западен Балкан зашто и економскиот и демографскиот ефект на сите шест земји би бил далеку помал од влезот на која било друго држава што претходно станала член.

За одржливоста на македонскиот надворешнополитички курс, рече дека за жал, постојат извесни негативни тенденции во анкетите и објасни зошто е тоа така:

– Генерално, сликата не е толку темна и лоша. Сѐ уште добро котираме во тој дел зашто направивме прилично тешки компромиси за кои плативме голема цена, а дел од таа цена е намалената поддршка од граѓаните кои сметаат да бидеме веќе длабоко во преговори со ЕУ – рече Пендаровски.

Да раскрстиме со клиентелизмот

 Тој напомена дека без поддршка на граѓаните, курсот на надворешната политика не може да биде одржлив. Но, важен сегмент за одржливоста, укажа, е и борбата против клиентелизмот и корупцијата.

– Ако сакаме да бидеме дел од западноеврпките организации и да имаме поддршка од граѓаните, тука ќе треба да покажеме добри резултати, посочи Пендаровски.

Добро е што Макрон не му врти грб на Балканот

Според него, добри вести стигнуваат од двата мотора – Германија и Франција. Новата германска Влада продолжува со несмалено темпо да ја поддржува интеграцијата на Западен Балкан, посебно на земјава, а Франција и наспроти фактот дека ќе има претседателски избори, настапува со сосема поинаква реторика.

– По моја проценка последните два настапа на францускиот претседател е реторика неколку нивоа над, во прилог на интеграцијата на регионот. Тој вели дека Западен Балкан не е само географски дел од Европа и дека не смее повторно да му се заврти грб. Тоа е добро, напомена Пендаровски.

 

Нонпејперите не влијаеа на ЕУ

За нонпејперите од непознато потекло кои циркулираа во регионот, оцени дека не успеаја да направат рефлексија врз надворешните политики на европските држави, освен во медиумите.

– Сепак, не влијаеа врз политиките на главните европски центри или на сите членки на ЕУ, посебно иницијалниот нонпејпр во кој се зборува наводно за конечно решение на југословенскиот распад. Во суштина се зборува за промена на границите. Тоа е добро што по мене покажува дека веројатно неформалниот иницијатор на тие нонпејпери доаѓа од регионот, не од Европа и пошироко – рече Пендаровски.

По 30 години Европа се грижи за нас

Тој смета дека е одлична вест засилениот ангажман на европската заедница во Западен Балкан. Првпат по 30 години независност, предочи, посебни пратеници од три држави во ист период се занимаваат со регионот.

Пендаровски се осврна и на безбедноста во регионот, спомнувајќи ја ситуацијата со БиХ, но и дијалогот Приштина – Белград кој, како што истакна, се одвива со забавено тепмо и главно на техничко ниво.

На крај заклучи дека не може да има подобра регионална соработка ако нема добра регионална инфраструктура, порача Пендаровски и ја повика ЕУ побрзо да го реализира Планот за обнова зашто и тоа придонесува за поголема поддршка и доверба од граѓаните.

Поврзани содржини