12-ГОДИШНО ДЕТЕ ОД ДОЛНО КОЊАРИ Е ЗАРАЗЕНО СО МОРБИЛИ Било на гости во Србија и најверојатно таму се заразило
Се работи за невакцинирано дете. На 3 септември од Инфективната клиника е препратено до Институтот за јавно здравје, 12 годишно дете, коешто било сомнително на морбили и после направените анализи констатирано е дека детето е позитивно, објасни Марија Андоновска, директорка на Институтот за јавно здравје.
Кај дете на возраст од 12 години, жител на од село Долно Коњари, Општина Петровец, се потврдени морбили, соопшти директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска.
Како што појасни Андоновска, според епидемиолошката анкета, болеста е донесена од Нови Пазар, Србија.
Детето не е вакцинирано против оваа заразна болест.
– Ова е втор докажан позитивен случај оваа година во Македонија. Првиот е регистриран во јуни, во Лабуништа, Струга. Се работи за невакцинирано дете. На 3 септември од Инфективната клиника е препратено до Институтот за јавно здравје, 12 годишно дете, коешто било сомнително на морбили и после направените анализи констатирано е дека детето е позитивно. Се работи за импортиран случај од Србија, во Нови Пазар, каде што веќе има појава на морбили – рече Андоновска.
Таа ги повика матичните лекари да бидат исклучиво внимателни и секој сомнителен случај да го праќаат на Инфективната клиника.
– Нашата обврска и наша работа е по констатирањето на позитивен случај, да дадеме препораки на семејството за изолација. Но, за морбилите нема изолација пропишана со закон и останува на добра волја на семејството дали ќе ги почитува препораките или не. Инаку, се земени и од оние лица кои веќе работеле со него и од медицинските лица направени се анализи и истите се следат – соопшти Андоновска во денешната изјава за медиуми.
Според податоците на ИЈЗ, лани бил пријавен еден случај на мали сипаници.
Од 2014 до 2023 година, регистрирани биле вкупно 2.020 заболени. Епидемии биле регистрирани во 2014, 2017, 2018 и во 2019 година. Последната евидентирана епидемија од ова заболување, регистрирана во 2018 година, а завршена во 2019, била со вкупно 1.901 регистрирано лице, во 24 градови низ државата.
Вакцинација против мали сипаници се спроведува континирано и задолжително со две дози на МРП-вакцина. Првата доза се смета за примовакцинација и треба да се даде на првата година од животот на детето. Ревакцината е на шестгодишна возраст. Опфатот со првата доза лани на национално ниво изнесувала 73,4 проценти, а во Скопје – 83,7 отсто. Опфатот се ревакцинација на национално ниво лани била 87,7 проценти, а во Скопје – 85,9 отсто.
– Имајќи го предвид пријавениот неоптимален опфат со вакцинација (<95%), фактот дека следните месеци претставуваат сезонски врв на вирусот и можноста за импортирање, пријавувањето на нови случаи не е неочекуван настан – потенцираа вчера од ИЈЗ.