11 НАЈГОЛЕМИ ФРАНЦУСКИ КОМПАНИИ ЌЕ ДОБИЈАТ ПОКАНА ДА ИНВЕСТИРААТ ВО МАКЕДОНИЈА Николоски најавува француско учество и во инфраструктурните проекти

Вицепремиерот смета дека оваа државна посета ќе ги донесе на едно повисоко ниво односите меѓу Македонија и Франција што е од корист за двете држави, што значат многу за нас како земја членка во НАТО и партнер на Франција во НАТО и секако нашите амбиции за членство во ЕУ и најважното  а тоа е поддршка на македонскиот национален идентитет, засебноста на македонскиот народ и македонскиот јазик.

95

Најголемите 11 француски компании  ќе ги поканиме да инвестираат во Македонија, со цел во Македонија да се отвораат нови и добро платени работни места, изјави меѓу другото вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска во Париз каде што е во дводневна посета.

–  Сметаме дека Македонија може да е атрактивна дестинација за француските компании и инвеститори – рече Николоски.

Тој најави и средби со француските министри за економија и за финансии на кои ќе разговара за инфраструктурните проекти.

– Ќе разговараме за инфраструктурата и развојот што го планираме и во автопатскиот дел и делот на аеродромите и во делот на  железницата. Двата македонски аеродрома се оперирани од француска компанија и сме многу задоволни како се одвива соработката особено со нови летови.

Утре Николоски ќе се сретне со неговиот француски колега Филип Табаро со кој ќе разговара за целокупната соработка меѓу двете држави.

– Тука е средбата со УНЕСКО каде ќе разговараме за заштитата на Охрид и Охридското Езеро и средбата со пратениците во Француското Национално Собрание каде ќе зборуваме за подобрување на политичките односи- рече Николоски.

Николоски денеска остварил средба со првиот човек за Европа во рамките на француската влада на која се разговарало за подобрување на билатералните односи и во политичкиот и во економскиот дел, а попладне ќе се сретне со директорката на трезорот на Франција и со директорот на тамошната Агенцијата за поддршка.

– Сметам дека оваа државна посета ќе ги донесе на едно повисоко ниво односите меѓу Македонија и Франција што е од корист за двете држави, што значат многу за нас како земја членка во НАТО и партнер на Франција во НАТО и секако нашите амбиции за членство во ЕУ и најважното  а тоа е поддршка на македонскиот национален идентитет, засебноста на македонскиот народ и македонскиот јазик – вели Николоски.






Поврзани содржини