103 КУБИЦИ ДРВА ИСЧЕЗНАЛЕ ОД ХАРТИЈА ДО ТЕРЕН Со фиктивни испратници заработиле над 1,4 милиони денари

Полицијата во Радовиш поднесе кривична пријава против физичко и правно лице поради злоупотреби со огревно дрво, фиктивни испратници и фалсификувани документи, со кои е остварена незаконска добивка од над 1,4 милиони денари.

9

СВР Струмица – ОВР Радовиш поднесе кривична пријава против едно физичко и едно правно лице од Радовиш, поради сомнежи за злоупотреби при трговија со огревно дрво, фалсификување документи и незаконска заработка од речиси 1,5 милиони денари.

Пријавата е поднесена против С.К. (43) од село Дедино, општина Конче, како и против правен субјект од Радовиш, а случајот е доставен до Основното јавно обвинителство во Радовиш.






Според истрагата, С.К. како одговорно лице во фирмата, искористувајќи ја својата службена позиција, изготвувал испратници за транспорт на огревно дрво со неточни и фиктивни податоци.

Во документите биле наведувани непостоечки примачи, без адреси на испорака, а дел од испратниците биле и коригирани во делот на количини и вид на дрвна маса.

На тој начин, според полицијата, во промет биле пуштени 173,31 кубни метри дрва, со што е стекната противправна корист од 864.262 денари.

Контролите откриле и дополнителни неправилности кај 27 испратници.

Во документите било наведено дека се испорачани 46 кубни метри огревно дрво, но проверките на терен и разговорите со купувачи покажале дека реално биле испорачани 149 кубни метри.

Разликата од 103 кубни метри, според истрагата, е претворена во дополнителна противправна корист од 566.500 денари.

Покрај манипулациите со количини, С.К. е осомничен и дека во дел од испратниците го фалсификувал потписот на овластено лице во рубриката „одговорно лице“, по што тие документи биле користени како валидни во правниот промет.

Со сите утврдени неправилности, според полицијата, осомничените се стекнале со противправна имотна корист во вкупен износ од 1.430.762 денари.

Истрагата продолжува, а по целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни кривични постапки.

Поврзани содржини